Меѓународен натпревар „Скопје танцлаб2014“

Во Младинскиот културен центар денеска и утре од 20 часот во рамки на 10. „Танц-фест“ ќе се одржи меѓународен натпревар „Скопје танцлаб 2014“, за кој влезот за посетители е слободен.

10_godini_tanc_fest_2014

Учесници на натпреварот се: Матеа Киселичка од Македонија, Камила Мотлова од Чешка, Дора Кокољ од Хрватска, Едуард Адам Орзулик од Чешка, Паулина Вајс од Холандија, Валентино Апостоловски од Македонија, Мехмет Курсат Килич од Турција и Филип Илиевски од Македонија. Според Рисима Рисимкин, уметнички директор на „Танц-фест“, целта е да се афирмираат млади танчари и кореографи, да се создаде место каде ќе доаѓаат млади од цела Европа.

– За да се дружат, запознаваат, да разменуваат искуства, да се откријат млади таленти и да им се овозможи простор, пласман и место каде ќе пораснат, изјави Рисимкин.

Учесниците на натпреварот ќе ги оценува жири, со кое ќе претседава Самуел Вуерстен, уметнички директор на Холандскиот танцов фестивал од Хаг и член на Бордот на „Кодартс Ротердам“ во Холандија. Членови на жирито се: Каролелинда Дикеј (ко-директор на American Dance Abroad и уметнички советник за интернационалниот Tanzmesse), Мехмет Балкан (главен кореограф и уметнички советник за националните балетски компании во Турција), Михаела Виеру (извршен директор и генерален менаџер на магазинот Dance for you) и Снежана Абрамовиќ-Милковиќ (уметнички директор на Интернационален фестивал за невербален театар и современ танц од Хрватска).

You May Also Like