Проектниот простор „Прес ту егзит“ на уметнички саем во Истанбул

Проектниот простор Прес ту егзит ќе учествува на 7-мото издание на Contemporary Istanbul, прв и најголем уметнички саем во Турција кој ќе се случува во периодот од 22-25 ноември, 2012 година, во Конгресниот и изложбен центар (ICEC) на Истанбул.

Саемот ќе понуди презентација на широк спектар на уметнички дела од околу 600 уметници и 100 домашни и интернационални галерии и непрофитни организации.  Низ посебната селекција Нови хоризонти (New Horizons: Central & Eastern Europe), во чиј фокус се современите уметнички практики од Централна и Источна Европа, Contemporary Istanbul ќе се најде во улога на домаќин на многубројни галерии, куратори, издавачки куќи, критичари и колекционери од регионот.

Свое претставување на саемот, проектниот простор Прес ту егзит ќе има преку делата на 8 македонски уметници во рамки на проектот „Каде да (не) одиме?“ („Where (not) to go?“) кој се однесува на шпекулативните поими на нарацијата, како историски, така и лични.

Изложбата „Каде да (не) одиме?“ е една од етапните презентации на развојниот кураторски проект на Јане Чаловски кој се реализира во рамки на кураторските активности на проектниот простор Прес ту егзит.

Во рамки на проектот ќе бидат претставени делата  на уметниците Јане Чаловски, Инес Ефремова, Христина Иваноска, Ѓорѓе Јовановиќ, Филип Јовановски, Владимир Лукаш, Игор Тошевски и Велимир Жерновски. Избраните уметници се поврзани во кохезивен колектив, пред се, преку политичките и социјалните аспекти на нивните селектирани дела.

You May Also Like