Медиумите и популарното – Проблем или придобивка на модерното време

Популарноста или креирањето на популарната култура е  тесно поврзано со медиумите и може да се каже дека на некој начин таа е условена од таканаречените мас-медиуми во кои влегуваат: телевизијата, пишаните и електронските медиуми и останатите средства за информирање.

Тешко дека нешто може да стане популарно или општо прифатено, односно да биде тренд доколку не е присутно во овие медиуми кои што претставуваат прозорец кон светот на огромен процент од популацијата, односно главен извор на информации за сето она што се случува во наша непосредна близина, но и во најодалечените места во светот. Секако дека историски гледано појавата на овие медиуми и нивното масовно прифаќање придонесуваат за ново поимање на терминот популарно. Така на пример одредена интересна појава или личност која е врзана за одредено место, а има капацитет да биде прифатена во голем дел од светот со помош на медиумите може да влезат  буквално во сечиј дом и во најодалечените места во светот.

Во минатото за она што е популарно на запад, односно во развиениот свет можеле да знаат само мал број луѓе кои имале привилегија да патуваат и да видат како тоа изгледа, односно што е ин во европските метрополи. Секако дека своите искуства кога ќе се врателе дома ги споделувале, но сето тоа е побавен начин за да нешто стане популарно во вистинска смисла на зборот, односно да стане општоприфатен тренд меѓу народот. Еден од начините за информирање кој е познат уште од 19-от век е преку печатените весници. Сепак кај нас овој медиум може да се каже дека не бил многу застапен со оглед на тоа што сè уште сме немале формирано држава која ќе издава весници, а секако дека голем дел од населението бил и неписмен. Но, и во такви услови опстојувале одредени весници, пред се издавани од македонската емиграција во Бугарија или Русија. Револуција во светот на медиумите и популарната култура во светот се случила со појавата на телевизијата. Преку неа со популарност од огромни размери се стекнуваат филмови, актери, музичари, спортисти и луѓе од други професии. Тие всушност стануваат идоли на цели генерации кои мечтаат да бидат како нив и да ја достигнат нивната слава.

Првите децении на ползувањето на телевизијата како медиум испродуцирала и некои мега популарни личности како што се: Елвис Присли, Грејс Кели, Битлси или Ролинг Стоунси. Конечно со појавата на интернетот светот буквално е глобално село, односно овозможено е со само еден клик на маусот да се биде дел од најактуелните случувања во светот.

Што се однесува до времето во кое ние живееме, медиумите се нашиот прозорец кон светот, места од каде што ги добиваме информациите и врз основа на што го креираме своето мислење и ставови. Примарна цел на медиумите е да понудат информации за актуелните случувања од земјата, регионот и светот, но и да понудат програма од културно-забавно-рекреативен карактер, односно програма која што ќе ги релаксира конзументите и ќе им понуди забава. Информирањето се врши преку вести, разни политичко-дебатни емисии и сл. Забавниот дел се состои од музички емисии, ток-шоуа, спортски натпревари, естрадни магазини, филмови…

Секоја од овие содржини на некој начин популаризира одредена појава или личност. Кога е политиката во прашање на пример, политичките структури ги користат медиумите да се доближат до народот, да го придобијат, односно да ја зголемат популарноста меѓу граѓаните. Секако дека задача на медиумите, според некој непишан кодекс, односно некои морални норми би било објективно да го информира гледачот, притоа не суѓерирајќи му чија позиција да заземе. Сведоци сме дека во нашата земја во последно време тоа не е случај, однсоно медиумите се ставаат во улога на гласноговорници на одредени политички структури и најпросто кажано вршат еден вид манипулација со своите гледачи, а најчесто заради некои свои интереси кои најчесто немаат врска со некаква идеологија. Секако дека присуството во медиумите на јавните фаци е нешто на кое тие инсистираат за да ја држат својата популарност на ниво и во моменти кога не се случува нешто спектакуларно во нивните приватни животи или кариери. Како пример ќе го наведам Амди Бајрам кој со неколку јавни настапи освен што убаво го изнасмеа аудиториумот, тие негови познати фрази како Кока-Кола и слични, кои станаа хит меѓу народот и на социјалните мрежи.

Амди - Кока КолаМедиумите во денешно време имаат моќ да креираат инстант звезди, односно за многу краток временски период одредена појава или личност да го обиколи светот и да се стекне со популарност. Типичен пример за таков кратор на инстант звезди е сајтот Youtube. Преку овој сајт тотални анонимуси кои покажале креативност, добра смисла за хумор или некоја вештина можат за кратко време да станат гледани на сите меридијани во светот. Секако дека тоа може да им послужи како одскочна даска во понатамошното градење на нивните кариери. Сепак контра дејството на нешто што изгледа дека е општо прифатено и дел од популарната култура секако дека не може да се занемари. Еве, како пример ќе го земам филмот „Ране“ на режисерот Срѓан Драгојевиќ од 1998-та година, кој го третира животот на двајца тинејџери кои се впуштаат во светот на подземјето. За кратко време филмот се стекна со огромна популарност на просторите на бивша Југославија и стана култен. Сепак по кажувањата на негвоиот режисер доколку знаел какоф ефект ќе има пред се врз младината никогаш не би го снимил. Тоа е резултат на драстично зголемениот процент на криминал меѓу младите по промовирањето на филмот. Сето она што медиумите ни го сервираат поминува низ вкусовниот филтер на народот и се селектира она што е популарно. Секако дека сите содржини имаат своја публика и обожаватели, но сепак не сите се екстра популарни. Сепак во денешно време сите медиуми нудат избор, односно можност да се задоволат најразличните афинитети на потрошувачите.

Што се однесува до нашиот медиумски простор може да се каже дека е окупиран или во голема мера пополнет со содржини кои според многумина не се карактеристични за нашето поднебје. Сепак медиумите го користат комерцијалниот момент , односно моќноста да заработат со оглед на тоа што народот покажува интерес за нив. Тука пред се мислам на реалните шоуа, српско-бугарската турбофолк сцена, турските и индиски сапуници. Одредени струи од општеството сметаат и дека медиумите лошо влијаат врз младината која е во фаза на оформување на личноста. Како аргументи за тоа најчесто се споменуваа сервирањето на некои вредности кои се сметаат за кич или пак поттикнуваат насилство.

Последнава деценија кај нас актуелна е преоптеретеноста на медиумскиот простор со српско-бугарски турбофолк артисти. Буквално тие до одреден степен ги потиснуваат нашите естрадни личности и наместо нив ги полнат концертните сали, местат во забавните емисии, насловните страни и сл. Често знае да се каже дека тие го земаат лебот на нашите изведувачи. Во овие случаи сигурно на медиумите ни на крај памет не им паѓа дека ваквиот стил на живот кој го пропагираат не ја носи нашата млада генерација на прав пат. Напротив тие го гледаат само личниот финансиски интерес, кој рака на срце со оглед на интересот кој владее за ваквите настани не е занемарлив.

Нашето општество на некој начин е склоно се она што доаѓа од запад да го зема здраво за готово како нешто е во тренд и кон кое треба да се стремиме. Во овој поглед секако дека медиумите се од огромна корсит бидејќи ни овозможуваат константно да бидеме во тек со она што се случува во најтренди местата на земјината топка. Топ настаните од светот на модата, музиката или било која друга фела се достапни како никогаш до сега. Сите најактуелни трендови кои овие настани ги носат со светлосна брзина допираат и до нас и сега сме во можност да не касниме со модата како што тоа некогаш знаело да биде.

Како заклучок на ова мое излагање во однос на соодносот на медиумите и популарната култура би го кажал веќе еднаш изнесениот став дека врската меѓу медиумите и популарната култура е взаемна и притоа е многу силна и може да се каже дека едно без другото не оди. Медиумите се главни кривци за илјадници успешни кариери на лица кои преку нив ја граделе својата кариера и стекнувале популарност. Меѓутоа не само врзано со личности, медиумите имаат одиграно значајна улога и во покренувањето на движења кој придонеле за значајни историски пресвртници. Како пример нека послужи само времето на паѓањето на социјалистичкиот режим кога всушност медиумите биле еден вид отворач на очите на нациите. Неспорен е фактот дека како што медиумите можат влијаат врз промовирање на популарна идеја или појава исто така можат да влијаат и врз стигматизирање или маргинализирање. Тоа можат да го направат со цензура, односно со разни забрани и сл.

Пример е со таканаречениот нов бран на југословенската рокенрол сцена од 70-те кој бил поттикнат од движењата на младите  во Велика Британија. Во тоа време властите ги третирале како ширачи на неморални вредности и не го добивале медиумското внимание кое би го добиле во едни по демократски времиња можеби. Секако дека и самите медиуми ги ползуваат овие популарни појави. Користејќи ја нивната прифатеност меѓу народот  тие наоѓаат начин што повеќе конзументи да задржат покрај себе. На тој начин расте и цената на рекламниот простор и се здобиваат со низа други бенефиции.

Бојан Чаковски

You May Also Like