Продолжува обновата на старите градби во Крушево

Со поддршка од Министерството за култура во Крушево во тек е конзервацијата на куќата на ул.„ Нико Доага“ број 65, која е дел од проектот на Владата и Министерството за култура за реконструкција на фасади на значајни објекти од старата градска архитектура.

Niko Doaga Krusevo Конзервацијата на објектот се одвива во неколку фази, а стручните екипи на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Прилеп во моментов интензивно работат на зајакнување на темелите и на замена на покривот на куќата. Инаку овој објект, со конструктивна и естетска концепција типична за крушевските куќи, во изминатиот период беше со особено нарушен изглед на надворешноста.

Со реализацијата на проектот, целосно ќе се зачува автентичниот изглед на фасадата на објектот кој се наоѓа во непосредна близина на галеријата „Мартиновски“ со што ќе се придонесе за оформување на една комплетна слика за градителското наследство на Крушево.

Niko Doaga Krusevo Foto

По обновените фасади на куќите на семејството Важарови и на семејството Бинка, куќата на ул. „Нико Доага“ број 65, е трет објект на староградска архитектура со впечатлива надворешност во Крушево, на кој се обновува фасадата. Враќањето на сјајот на овие објекти претставува поттик за идните градители во Крушево да ги следат традиционалните вредности при градењето со што ќе се овозможи странските и домашни посетители да и се восхитуваат на старата македонска архитектура.

Во рамките на проектот за реконструкција на фасади на значајни објекти од старата градска архитектура освен во Крушево обновени се фасадите на објекти во Скопје, Кичево, Битола, Охрид, Гевгелија, Гостивар и Кратово.

You May Also Like