Во понеделник (7 јули 2014 година) со 21:00 часот е отворањето на Кинотечното скопско летно кино, во просториите на Кинотека на Македонија …
За почеток на серијалот од филмови кои ќе бидат прикажани на Кинотечното скопско летно кино, скопската публика ќе може да го проследи македонскиот филм „Соба со пијано“.
Игор Иванов Изи е роден 1973 година во Скопје. „Соба со пијано“ е неговиот втор игран филм. Неговиот краткометражен филм „Бубачки“ беше номиниран за наградата Златна мечка на 54-то Берлинале, а освои Златен леопард на филмскиот фестивал во Локарно и на тој начин обезбеди покани на многу фестивали низ светот. Дебитантскиот филм на Иванов „Превртено“ (2007) светската премиера ја имаше на 42-то издание на филмскиот фестивал Карлови Вари, а ја освои наградата за најдобар режисер на фестивалот Мостра во Валенсија.
2013 Соба со пијано (103 мин)
2013 Јас верувам во љубов (12 мин)
2007 Превртено (105 мин)
2004 Бубачки (15 мин)
2000 Кавал (12 мин)
Гајда (9 мин)
1997 Часовникот (8 мин)
НЕП (94 мин)
СОБА СО ПИЈАНО
„Соба со пијано“ е приказ на различни животни судбини доведени на оваа единствена локација од чиј ракурс можат да се допрат најсуштествените аспекти на нашето постоење. Фрагментите од животите на овие “егзистенцијалистички“ карактери се сосема доволни пред нашите очи да истече целиот нивен животен пат. Мотивите се претвораат во фрустрации, амбициите и мечтите водат кон пропаст. Иако нималку слични, претставници на сосема различни социјални и културни групи, овие ликови се обединети во бесмислата на животот. „Соба со пијано“ е најновиот игран филм на Игор Иванов Изи, по сценарио кое во заедничка соработка го напишаа Жанина Мирчевска и режисерот.