Порака за Светскиот ден на интелектуалната сопственост од Генералниот директор на Светската организација за интелектуална сопственост, Френсис Гури …
Секоја година, на 26 април, го одбележуваме Светскиот ден на интелектуалната сопственост, како можност да дискутираме за улогата на интелектуалната сопственост, во однос на иновативноста и креативноста. Оваа година, нашата тема е “Филмовите – глобална страст“.
Филмот отсекогаш ја привлекувал глобалната публика. Уште првите неми филмови биле следени низ целиот свет со фасцинација и со страст. Во поново време , сведоци сме на пораст не само на бројот на глобалната публика , туку и на глобалната продукција. Ако некогаш Холивуд беше доминантен играч во светот, сега сме сведоци на процут на филмските индустрии ширум светот, било да е тоа Боливуд во Индија, Ноливуд во Нигерија, или во Скандинавија , Северна Африка, Кина или други делови на Азија . Значи, филмовите навистина претставуваат глобална страст.
Филмовите се воедно и директен производ на интелектуалната сопственост (ИС). Размислете малку за тоа како е направен еден филм. Почнувате со сценарио, кое претставува интелектуална сопственост на авторот или на сценаристот. Потоа, тука се актерите, чии изведби се нивна интелектуална сопственост. Понатаму, тука е и музиката, на која композиторите и изведувачите имаат интелектуална сопственост.
Бројни учесници придонесуваат кон создавањето на филмот, за да ни овозможат да го проследиме како беспрекорна претстава, проткаена со сложеноста на интелектуалната сопственост. Интелектуалната сопственост е основа на целата филмска индустрија.
Сите овие учесници кои придонесуваат кон создавањето и дистрибуцијата на филмови, се заштитени со меѓународна правна рамка. Овој процес започна со Бернската конвенција, уште во 19тиот век. Заедно со нашите земји-членки, Светската организација за интелектуална сопственост се обидува да се осигура дека оваа законска рамка држи чекор со нашиот свет, кој се менува и продолжува да служи на својата основна цел, интелектуална сопственост да биде во служба на креативноста и иновациите. Неодамна воспоставивме нов договор , Договорот од Пекинг за аудиовизуелни изведби, со цел да се заштитат изведбите на актерите.
На Светскиот ден на интелектуалната сопственост оваа година, ги поканувам љубителите на филмот насекаде, кога следниот пат ќе погледнат некој филм, за момент да помислат на сите творци и иноватори, кои имале улога во создавањето тој филм. И јас би сакал да ве поттикнам, да размислите на дигиталниот предизвик кој Интернетот го претставува за филмот. Верувам дека тоа е одговорност не само на креаторите на политиката , туку и на секој од нас, да го прифатиме овој предизвик и да се запрашаме: “Како можеме да ги искористиме предностите на оваа несекојдневна можност за демократизирање на културата и да овозможиме творечките дела да бидат достапни со еден “клик“ на глувчето , додека, во исто време, да им обезбедиме на творците да продолжат да творат и да заработуваат за нивниот живот, а воедно да создаваат филмови, коишто толку многу ги збогатуваат нашите животи?“