Регионалната платформа за активизам „Лице в лице“ на македонската публика ќе и го претстави апсолутниот победник на фестивалот „Стеријино позорје“,претставата „Работниците умираат пеејќи“ која гостува во Македонскиот народен театар на 17 октомври (среда) со почеток во 20:00 часот.
Претставата е копродукција меѓу фондот „Хартефакт“ и српскиот театар „Битеф“. Работена е според драмата на Олга Димитријевиќ, која победи на конкурсот на „Хартефакт“ за наjдобар современ општествено ангажиран текст за 2010 година. Режијата е на Анѓелка Николиќ.
Преку брехтовскиот театарски израз, “Работниците умираат пеејќи“ дава поглед кон мачните промени што ги донесе долгогодишната транзиција. Ова е текст што навлегува во проблемите со кои се соочува работничката класа, која секојдневно тоне во грижите што произлегуваат од високата невработеност, но и од несолидарноста, поткупливоста, слабоста што преминува во чувство на безпомошност.
Ова не е само претстава низ која се соочуваме со проблемите што ги донесе транзицијата, туку и опомена дека недостига храброст, решителност и силна волја за да се направи нешто, прво на индивидуален, а потоа и на општествен план. Еден од патиштата за излегување од калта е претставен со изборот на фолк-пејачката, која изведува познати рефрени на турбофолк-нумери, кои се пародија на сцената што доминира низ транзицискиот период како лек за широките народни маси. Ефектот е засилен со четири мајки на сцената, кои на познати песни од српскиот фолклор пеат оплакувачки рефрени.
Во претставата играат Милан Ковачевиќ, Игор Боројевиќ, Марија Бергам, Марија
Миленковиќ и други. Кореограф е Далија Аќин, а композитор Дарко Аџиќ.Претставата премиерно се одигра минатата година на матичната сцена на театарот „Битеф“ во Белград, беше дел и од Фестивалот на малите сцени во Кикинда каде што Николиќ беше наградена за режија. Во Нови Сад, пак, постановката понесе шест Стеријини награди. На почетокот на месецов гостуваше и на фестивалот МЕСС во Сараево, како и на „Јоаким интерфест“ во Крагуевац.