Вечер (петок, 7 јуни) во 20:00 часот во ресторанот Балкан Експрес (поранешен Ориент експрес во Дебар Маало), Блесок во соработка со книжевната мрежа Традуки организира книжевно читање и промоција на дела од писателот Миле Стоиќ од БиХ.
Гостин на вечерта ќе биде Миле Стоиќ од БиХ. Во текот на книжевното читање, ќе бидат промовирани неговите поетски книги „Небесен пансион“ и „Ги сакам исплуканите“, во превод на Игор Исаковски, изданија на Блесок, и прозната книга „Кафе носталгија“, во превод на Бранко Цветкоски, издание на Макавеј. Објавувањето на „Небесен пансион“ и „Кафе носталгија“ е поддржано од книжевната мрежа Традуки, а книгата „Ги сакам исплуканите“ е тријазичен избор од поезијата и е објавена во едицијата ЕваТас на Блесок.
Миле Стоиќ е роден во 1955 година во Драгиќина (Босна и Херцеговина). Поет, есеист, аналитичар и публицист. Студиите по јужнословенски книжевности и јазици ги завршил на Филозофскиот факултет во Сараево. До јуни 1992 година живеел во Сараево од пишување и уредување на книжевни публикации. Потоа работел како лектор на Славистичкиот институт при Виенскиот универзитет. Ги составил антологиите: Зад спуштени трепки, антологија на модерната хрватска поезија (Сараево, 1991); Во бол и бес (босанска воена книжевност, заедно со Алија Исаковиќ, Виена, 1995); Поезијата на Босна и Херцеговина во XX век (заедно со Марко Вешовиќ и Енес Дураковиќ, Сараево, 1999). Книгите му се преведени на германски, полски, италијански, англиски, словенечки и македонски јазик, а одделни текстови на дваесетина јазици. Песните му се застапени во сите релевантни антологии на современата босанско-херцеговска и хрватска книжевност. Добитник е на бројни награди. Живее во Сараево.