„Така зборуваше“ е најновата премиера на Битолскиот народен театар, која премиерно ќе биде изведена вечер (вторник, 31 јули) во 21:00 часот на сцената на Битолскиот народен театар.
Режисерка на музичко-сценската композиција што е сочинета од актерски и танчарски дел е Ѕвездана Ангеловска, а претставата е работена според делото на Фридрих Ниче „Така зборуваше Заратустра“.
Во претставата играат актерите: Огнен Дранговски (Заратустра), Јулијана Мирчевска(змијата), Елена Моше (орелот). Сценографијата е на Валентин Светозарев, а костимографијата е на Благоја Мицевски. Во претставата музиката ќе биде отсвирена во живо, а ќе настапат композиторот Миодраг Неќак на акустично пијано и перкусионистот Дијана Трајковски.
Влезот за претставата која е дел од Битолско културно лето Битфест е слободен, а гратис билетите можат да се подигнат од билетарата на битолски театар.