Почнува Скопскиот Џез Фестивал

Вечер (19 октомври, 2012, петок), во 20:00 часот, во Салонот на Македонската Опера и Балет, со концертот на Diamond Curtain Wall Quartet на американскиот саксофонист Ентони Брекстон, ќе почне Скопскиот џез фестивал 2012.

По него во МОБ, концерт ќе одржат Пјер Дорг и New Jungle Orchestra од Данска, а од 24 часот, во Сити хол (поранешен Хард рок во МКЦ) La Sahel од Сенегал, ќе одржи полноќен солистички џез концерт.

Во сабота (20 октомври) во МОБ, во 20 часот, концерт ќе одржи триото на бразилскиот виолинист Рикардо Херз, а веднаш по нив ќе концертрира триото на Карлес Бенавент, Тиро ди Џералдо и Хорхе Падро од Шпанија. На полноќ во Сити хол ќе настапи составот Anthony Joseph & The Spasm Band (Тринидад/Велика Британија).

На 21 октомври (недела), во 20 часот, во Салонот на МОБ, закажани се концертите на Малком Браф Трио (Швајцарија) и шведско-норвешкиот состав Atomic, a во 24 часот на агендата на Фестивалот е забележан концертот на Hidden Orchestra од Шкотска.

Концертот на легенданриот американски гитарист Пет Мартино и неговото трио е закажан за 20 часот на 22 октомври во Универзална сала, по што ќе следува концертот на квинтетот на Амброуз Акинмусери, којшто неодамна беше прогласен за трубач на годината од Асоцијацијата на џез новинари и списанието DownBeat. Полноќниот термин е резервиран за настапот на The Thing и Џо Мекфи.

Скопскиот џез фестивал ќе заврши на 24 октомври во Универзална Сала во Скопје, со концертот во 20 часот, на водечкиот џез трубач и композитор Томаш Станко (Полска), вечерта ќе кулминира со настапот на Miles Smiles, состав формиран од соработниците на големиот Мајлс Дејвис, еден од највлијателните музичари на 20. век и предводник на американската џез сцена. „MILES SMILES“ соработува Wallace Roney, Larry Coryell, Rick Margitza, Joey DeFrancesco, Darryl Jones and Omar Hakim (USA).

Една седмица подоцна, на 28 октомври 2012 година, ќе следува уште еден концерт, што е сместен во off програмата на фестивалот, па така, во 20 часот, во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар, ќе свират Backyard Jazz Orchestra во кој членуваат музичари од Германија, Австрија, Романија, Бугарија, Хрватска, Србија, Албанија и Македонија.

И годинава СЏФ, ја продолжува традицијата на промовирање на најновото од македонската џез сцена, а тоа за оваа 2012-та е најновото музичко издание на Тони Китановски, Грег Хопкинс и пријателите, насловено  како „Бостон“.
Скопскиот џез фестивал годинава ќе се одржува по 31 пат, а традиционален покровител на оваа Манифестација е Градот Скопје, кој од Буџетот за реализација одвојува околу 2 милиони денари.

You May Also Like