Бит Фест: Рок концерт и концерт на класична гитара

Вечер (понеделник, 16 јули) во исто време, 21:00 часот, на Тумбе кафе ќе се одржи рок-концерт, а во Магаза концерт на класична гитара.

 

На Летната сцена на Тумбе кафе во 21:00 часот настапуваат: Зоран Илиевски (Чоканче) – соло гитара, Томе Печенпетеловски (Патници) – бас гитара, Димитар Христов – вокал, Христо Костовски – тапани. Концертот е насловен „Животот е шепот“, а музичарите се обединети под името „Рок банда“.

Во исто време во Магаза настапуваат Штефан Грасе на гитара и Рафаел Кемпкен на маримба и удиралки. На програмата се дела од: Пауел, Нуњез, Грасе, Пјацола и други.

Штефан Грасе е роден во Минхен, во 1962 година. Студирал џез и класична гитара на Џез школата во Минхен (со Питер О’Mара), Конзерваториумот во Нирнберг (со Курт Хисл), Royal Scottish Academy of Music and Drama (Филип Торн) и на Интернационалната летна академија во Салцбург (Пепе Ромеро). Грасе реализирал над 1400 концерти во Европа, Австралија, Кина и САД, а настапил на фестивали во Германија, Шкотска, Унгарија, Македонија, Австралија, САД, Велика Британија.

Неговиот син Рафаел Кемпкин е роден во 1993 година во Нирнберг. Во 1998 година се запишува во Музичкото училиште во родниот град. Тапана, маримба и удиралки учи со Шандор Тот, Аксел Маер и Радек Шарек. Во 2008 година учествува на фестивалот за маримба на Музичката школа во Нирнберг. Настапувал на концерти во дуо со својот татко, Штефан Грасе, и како член на Штефан Грасе Трио. Како солист земал учество на фестивали во Шкотска и Јапонија, а остварил концерти и како член на различни инструментални состави и групи. Добитник е наградата за Млади музичари во 2010 година. Од октомври 2011 година, Кемпкин е студент на Музичката академија во Нирнберг, во класата на професорот Радек Шарек.

You May Also Like