Вечер (21 јануари, понеделник) во 20:00 часот, на малата сцена на МОБ премиерно ќе биде прикажан арт документарниот филм „Не/Видлив град“.
Во исто време ќе биде отворена и изложба со фотографии од прикажувањето на претставите „Не/видлив град“ во Белград, Скопје, Брајтон и Рингкобинг.
„Не/видлив град“, е проект финансиран од Европската комисија за култура, министерството за култура и холандската амбасада во Македонија. Станува збор за театарска претстава која минатата година се играше во автобусот 19 во Скопје, а имаше за цел да придонесе во нормализацијата на односите помеѓу различните етнички заедници.
Проектот е развиен како резултат на соработката меѓу неколку различни организации меѓу кои и ArtMedia од Македонија. Наташа Поплавска заедно со Дијана Милошевиќ е режисер на претставата.
Задачата на ArtMedia покрај работењето на претставата беше да направи и документарен филм за целиот проект.