Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ од Скопје деновиве го издаде двобројот 5-6 на списанието „Македоника“, кое почна да излегува минатата година.
Новиот број на списанието содржи близу дваесет текстови кои тематски се поврзани со Македонија, содржи прилози од повеќе области кои ги афирмираат современите македонски културни вредности, македонската културна историја, културно наследство, историја, етнологија, митологија, литература, јазик…
Во двобројот, меѓу другото, е објавен извадок од досега необјавената Историја на Македонија на Павел Шатев, со која тој се легитимира за првиот македонски интелектуалец историограф кој ја користи научната методологија и кој пишува историја на Македонија.
Во богатата оставина во ракопис на една од најзначајните личности од македонската историја – Павел Шатев, меѓу другото, се зачувани и повеќе трудови за историјата на Македонија, кои според опфатот на историските периоди, ја зафаќаат речиси интегралната историја на Македонија. На историјата на Македонија Шатев ѝ се посветил последните години од својот живот, користејќи и цитирајќи релевантна светска литература.
Во списанието се објавени и досега недоволно познати документи и материјали пишувани од Методија Шаторов Шарло, потоа спомени на Оливера Тренчева за Костантин Тренчев, еден од основачите на ВМРО 1945 и иницијаторите за плебисцит за самостојна македонска дрчава во 1945 година, статии на Науме Радичевски за браќата Миладиновци, нивниот зборник и за неразрешената загатка за нивниот животен крај, на Стефан Влахов Мицов за Илинденското востание и македонската еманципација, Нина Анастасова Шкрињариќ пишува за дионисиските елементи во македонскиот фолклор и претставата за самовилите, Зоран Спасовски за нов еволутивен пристап во испитувањето на развојот на човечките гласови и појавата на палаталните гласови во старословенскиот јазик и гласовната структура на современиот македонски јазик во неговата светлина, Васил Тоциновски пишува за македонистичките истражувања на Горан Калоѓера – еден од најактивните македонисти во светот, Љубица Јанчева и Катерина Мирчевска пишуваат за уставните промени во 1971/74 и државноста на Македонија, Невен Радически за антилибералистичкиот удар во Македонија во 70-тите години на ХХ век, Иван Ивањи по повод стогодишнината од смртта на Карл Мај и неговата поврзаност со Балканот и Македонија, а Витомир Митевски за монографијата за црковната традиција на Танас Вражиновски. По повод стогодишнината од раѓањето на Коле Неделковски објавена е негова родољубива лирика, а на крајот на овој број на списанието е објавена рубриката со библиографски описи на петнаесетина нови изданија посветени на македонски теми.
Редакцијата на „Македоника“ од овој број ја сочинуваат: Горан Калоѓера (Хрватска), Мирослав Коуба (Чешка), Науме Радически (Македонија, главен и одговорен уредник), Волф Ошлис (Германија) и Нове Цветаноски (Македонија).