Презентацијата на културните, археолошките и туристичките вредности на Македонија во Њујорк

Утре (понеделник, 29.4.2013 година) во „Scandinavian House“ во Њујорк, во организација на светски реномираното списание „Археолоџи магазин“ (со континуирана 65 – годишна традиција во обработката и презентацијата на теми од областа на заштитата на светското културното наследство) и на Генералниот конзулат на Република Македонија во САД, ќе биде одржан промотивен настан посветен на презентацијата на културните, археолошките и туристичките вредности на Македонија.

Пред многубројните поканети гости од американската археолошка елита, туроператори и туристички агенции од САД, ќе се обрати министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, која ќе се осврне на билатералните односи во областа на културата меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави, како и на заедничката соработка во заштитата на културното наследство.

На настанот е предвидено и обраќање на Питер Хердрич, извршен директор на Археолошкиот институт на Америка, организација со 133-годишна традиција во заштитата на културното наследство која е издавач на реномираното списание „„Археолоџи магазин“.

За најзначајните откритија во областа на археологијата во Република Македонија, предавање ќе одржи реномираниот професор, д-р Драги Митревски, од Филозофскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје, кој ќе се осврне на значењето на откриените наоди, како и вложувањата во областа на заштитата на културното наследство. Ќе биде прикажан и промотивен видеоматеријал со презентација на културното, археолошкото и туристичкото богатство на Република Македонија.

На настанот, македонската фолклорна традиција ќе биде презентирана преку настапот на Културно-уметничкото друштво „Свети Кирил и Методиј“ од Њу Џерси.

You May Also Like