Францускиот институт во Скопје, Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет во Скопје и Филозофското друштво на Македонија, утре ( 5 март, среда) организираат книжевно-филозофска вечер посветена на Владимир Јанкелевич во ЕУ Инфо-центарот со почеток во 19.30 часот.
Настанот ќе биде отворен со промоција на делото „Музиката и неискажливото“, преведено на македонски јазик од Марија Паунова, а издадено од „Македоника“.
Промоцијата ќе биде проследена со предавање за животот и делото на Владимир Јанкелевич, од страна на проф. д-р Денко Скаловски, професор на Филозофскиот факултет во Скопје.
Владимир Јанкелевич е француски филозоф и музиколог (1903-1985), кој одбележал цела генерација на професори, студенти и уметници.
Со овој настан ќе биде отворена манифестацијата „Март – Месец на Франкофонијата“, а ќе биде означен и почетокот на новиот циклус предавања за француската модерна филозофија, организиран од Институтот за филозофија и Филозофското друштво на Македонија.
