Прв Џуниор мобил фест

Џуниор мобил филм фестивал е во организација на Општина Центар и  Мобил фестивал, а истиот ќе ја има својата промоција в понеделник (5 ноември) во кино Фросина (МКЦ), со почеток  во 14:00 часот. Џуниор фестивалот е во рамки на Третиот интернационален фестивал – Мобил Фестивал 2012.

На фестивалот, децата ќе имаат можност да ги претстават своите лични филмски остварувања. Всушност, станува збор за кратки филмови снимени од учениците на  мобилен телефон, тематски инспирирани од секојдневниот живот. На конкурсот, можеа да се пријават сите заинтересирани ученици од поголемите одделенија од основните училишта на Општина Центар.

Целта е да се промовира употребата на камерата од мобилните телефони, како алатка со која децата ќе можат да ги развијат своите креативни способности и афинитети кон филмската уметност. Овој филмски фестивал има за цел да ја популаризира визуелната култура кај младата генерација и да им даде основа на децата филмски да се образуваат и  описменуваат.
За време на одржување на фестивалот ќе се избира најдобар и најинвентивен филм. Победникот ќе освои соодветна награда, која што ќе биде врачена на самиот фестивал. И сите останати учесници ќе добијат утешни награди. Можеби, некој од учесниците на фестивалот ќе биде идниот Столе Попов или Милчо Манчевски. Токму овде, можеби се зачетоците, каде ќе се образува младата публика и идните филмски режисери и режисерки. Жири комисијата ќе биде составена од стручни лица во оваа област: Горан Наумовски-професор по камера на ЕСРА (Универзитетот за Аудиовизуелни Уметности – Европска Филмска Академија), Зоран Бојаровски-новинар во Алфа телевизија и Душан Дракалски-креативен директор во Њу Момент.

Трите прво наградени филмови, освен награди, добиваат и своја промоција, односно  директно се пласираат на интернационалниот Мобил Фестивал 2012, што исто така ќе се одржи на 5-ти ноември во кино Фросина со почеток во 20:00 часот.

Пред се ова ќе биде несекојдневно дружење помеѓу учениците, исполнето со квалитена забава. На овој несекојдневен настан ќе настапат и учениците од ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“ со изведба на модерен балет. Државниот музичко-балетски училишен центар е коорганизатор на првиот Џуниор мобил фестивал.

Следниот ден, на 6 ноември во МКЦ со почеток во 12:00 часот, во организација на Мобил Фестивал 2012 ќе се одржат забавни, креативни и едукативни работилници во кои ќе учествуваат и учениците кои се натпреваруваа. Работилниците се во соработка со ЕСРА.

You May Also Like