По повод наградата „Peoples choice aword“ за најдобро архитектонско дело за 2011 година која проектот за спомен-куќата на Тоше Проески ја освои на Меѓународниот фестивал за архитектура во Барселона, Министерството за култура изразува огромна благодарност до сите граѓани на Република Македонија, до сите фанови на Тоше Проески од земјава, од регионот и од целиот свет, до архитектонската јавноста и до сите оние кои во изминатиот период на интернет порталот „Open Buldings“ гласаа за овој проект.
Проектот за Спомен-куќата на Тоше Проески во конкуренција на 704 објекти од целиот свет, во гласањето кое започна во август годинава, а заврши синоќа освои над 15.000 гласови, а доби и најмногу гласови од жири-комсијата на фестивалот. Наградата People’s choice Award востановена е годинава, а право на учество имаа објекти од целиот свет чија изградба завршила годинава.
Оваа значајна награда претставува голема промоција и афирмација за архитектурата на Република Македонија во светот, но воедно таа е само уште една потврда за големината, едноставноста, високите човечки и уметнички вредности и квалитети кои во себе ги носеше нашиот Ангел, Тоше Проески, а кои уште долго ќе го фасцинираат целиот свет.
Спомен-куќата на Тоше Проески, изградена во чест на трагично загината македонска музичка икона е капитална инвестиција на Владата на Република Македонија. Овој објект кој е лоциран на Гумење во Крушево, за јавноста беше промовиран на 25 април годинава. Монументален по големина, еквивалентен на делото на Тоше Проески, Спомен-домот претставува алузија на неговата животна филозофија. Има форма на крст, изграден е од бетон и стакло, според идејниот проект на архитектите Дејан Секуловски и Дејан Спасеновски, во соработка со Илија Божиновски.