Прво издание на меѓународниот фолклорен фестивал „Балканска плетенка“ во Делчево кој вечерва официјално беше отворен …
Во Делчево вечерва почна првото издание на меѓународниот фолклорен фестивал „Балканска плетенка“. На фестивалот учествуваат фолклорната група „Климент Охридски“ од Симитли, Република Бугарија, фолклорната група „Караѓорѓе“ од Рача, Република Србија, како и фолклорната група, оркестарот на изворни песни и игри и пејачи инструменталисти при Националната установа центар за култура „Никола Јонков Вапцаров“ од Делчево.
Покровител на оваа нововостановена фолклорна манифестација е градоначалникот на општина Делчево, Дарко Шехтански и Министерството за култура на Република Македонија. Настанот е дел од програмата на годинешнава манифестација „Топол културен бран“ со финансиска подршка на Министерството за култура, а во организација на општина Делчево и НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“.
– Вечерашново прво издание на фестивалот „Балканска плетенка“ и утрешното јубилејно 20-то по ред издание на меѓународната фолклорна манифестација „Голачки фолклорни средби”, се дел од туристичката понуда на општината Делчево. Богатото културно наследство од поднебјето на Пијанец овозможува препознатливост не само на национално ниво, туку и пошироко во светски рамки, за што сведочи и разновидната понуда на 10-тина фолклорни групи, културно-уметнички друштва и ансамбли од републикава и од странство, изјави Шехтански.
Меѓународната фолклорна манифестација „Голачки фолклорни средби” е единствена што се одржува на отворена летна сцена на врвот на планината Голак на 1536 метри надморска височина и секогаш спроти големиот црковно-народен собир посветен на „Св. Пантелејмон“.