Во прашање веројатно е едно од последните табуа во Холивуд. Судирите меѓу Израел и Палестинците ги поделија славните, а во изминатите неколку недели се јавија многу филкси ѕвезди кои не успеаја да го премолчат она што го мислат и го направија незамисливото: го критикуваа Израел, пишува „Гардијан“.
Од Ријана и Селена Гомез, па до Хавиер Бардем и Пенелопи Круз, многу ѕвезди јавно проговорија за судирот во Газа, притоа веројатно кај луѓето од својата ПР машинерија предизвикаа инфаркти. Тие коментари, од друга страна, предизвикаа реакции од „тешкашите“ во индустријата, како што се Џон Воит, Џоан Риверс и Хауард Стерн.
– Моето име е Џон Воит и повеќе сум од гневен, напиша славниот глумец во отворено писмо за „Холивуд Репортер“ минатиот викенд. – Мачно ми е да слушам како луѓе како Пенелопи Круз и Хавиер Бардем поттикнуваат антисемитизам во светот и притоа немаат поим колкава штета предизвикаа, додаде тој.
Таква беше неговата реакција на писмото кое го потпишаа над 100 латино уметници, вклучувајќи ги Круз и Бардем, во кој Израел се обвинува за геноцид во нападите врз Хамас.
Холивуд има силни врски со Израел, пишува „Гардијан“, поради што либералните Евреи како Стивен Спилберг и Барбара Стрејсенд се обединуваат со конзервативците кои не се Евреи, како што е Џон Воит, инаку татко на Анџелина Џоли.
Повлекувања и извинувања
Сепак, се чини дека неодамнешните бомбардирања и цивилни жртви во Газа натера разни луѓе да проговорат, но некои од нив набрзо се повлекоа. Глумците Марк Рафел и Волис Шоун, музичарот Роџер Вотерс и режисерот Џонатан Деми претрпеа многу навреди, откако ги изнесоа своите ставови.
– Не мислам дека ова е политизирање или бирање меѓу Палестина или Хамас. Мислам дека се работи за одземање на животи на недолжни и уништување на култури. Никогаш не сум се срамел од својот пацифистички став, уште од 60-тите кога бев хипи, изјави Деми, режисер на класиката „Кога јагнињата ќе стивнат“.
Од друга страна, многу внимателен беше Џон Стјуарт, кој рече: „Да се критикува нехуманоста на израелската политика, не значи и да се биде за Хамас“.
Пред два дена Ријана објави „#FreePalestine“ за своите 36 милиони следбеници на Твитер, но осум минути подоцна го избриша твитот. Извор близок на пејачката изјави дека таа е за мир и дека не бира страни.
Круз и Бардем исто така делумно се повлекоа, објавувајќи изјави во кои сакаат да појаснат дека имаат почит за луѓето во Израел, жалат за нивните загуби и сакаат мир во регионот.
Комичарката-ветеранка Џоан Риверс јавно ја исмеа 22-годишната Селена Гомез, која исто така изрази поддршка за Палестинците. – Каде одела на факултет? Прашајте ја дали знае како се пишува Палестинец, ијави Риверс.
Расел Бранд и Шон Ханити разменија многу навреди, откако британскиот комичар го нарече терорист водителот на Фокс, поради начинот на кој разговарал со гостин Палестинец во емисијата. Ханити му одговори дека е „глупав глумец“, кој не може да најде работа и на кого единствен успех му бил бракот со Кети Пери.
Сепак, има многу кои молчат и чие молчење во овој случај всушност зборува многу, пишува „Гардијан“.
– Кога ќе се земе предвид дека жестоките поддржувачи на Израел, Спилберг или Стрејсенд, досега не се огласиле по ова прашање, значи дека молчењето е погласно од зборовите. „Џуиш Џурнал“ напиша: „Најпознатите и најголемите поддржувачи на Израел се најмалку активни. Подготвени се да го поддржат Израел кога се е мирно, но исчезнуваат кога работите ќе се искомплицираат“, наведува „Гардијан“.
Од друга страна, „Холивуд Репортер“ потенцира дека ова се заедно го потврдува првото правило на Холивуд: „Зборувај за било што за политика во Холивуд. Освен за Газа“.