Првата вечер на „Пиволенд 2011“ низ слика

Вчера вечер (среда, 31 август 2011 година), Scratch that Drum, Alexandroff Ragtime Band, Gillespie, Rage Against the Machine Real Tribute band, Lollobrigida и македонскиот диџеј, Кирил Џајковски, го отворија четвртиот по ред Гурмански викенд со пиво „Пиволенд 2011“.

Петдневниот Фестивал на пивото,што ќе се одржува на паркингот пред Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје, со здравица со кригла пиво, за отворен го прогласи градоначалникот на Грaд Скопје, Коце Трајановски.

– Со зголемената посетеност на ПИВОЛЕНД како и се поголемиот интерес на производителите и увозниците на пиво, Скопското Кале стана премало за одржување на настан од ваков тип, затоа за прв пат ПИВОЛЕНД го организираме на нова локација со цел да го задоволиме зголемениот интерес на граѓаните и посетителите на Град Скопје.Чест ми е што овој фестивал од година во година станува се попосетен па така се зголемува и интересот на пиво-производителите.

Првиот гурмански викенд со пиво во 2008 година го посетија вкупно 60 000 љубители на пиво, во 2009-та година ПИВОЛЕНД го посетија 150 000 посетители, за во 2010 година бројот на посетители да се зголеми двојно. Затоа со особена гордост ќе изјавам дека ПИВОЛЕНД прерасна во најпосетен фестивал во земјата.

Град Скопје не застанува тука, секоја година заедно со организаторот на настанот ќе работиме во континуирано зголемување на посетеноста, како и на зголемување на пиво-производителите, пропратно со тоа ќе ја менуваме и разубавуваме програмата со диверзитет на музички учесници кои ќе треба да задоволат различни вкусови, рече градоначалникот Трајановски.

На оваа петдневна манифестација на отворени штандови ќе се претстават 30 пиво-производители и увозници на пиво и околу 60 брендови на пиво,а граѓаните ќе ги забавуваат 50 бендови, изведувачи и диџеи. Јавното претпријатие ЈСП и Град Скопје за потребите на посетителите на Фестивалот, годинава организира превоз до Спортскиот центар „Борис Трајковски“ и назад, а билетот е со редовна цена на чинење.

Вечерва (четврок, 01 септември 2011година) на главната сцена на Фестивалот, ќе настапат: Е.Т.; Raw N Wicked; Alexandroff Ragtime Band; Љубојна; Hladno Pivo; Red Hot Chili Peppers Real Tribute Band, а веќе утре вечер (петок, 02 септември 2011 година), на истата сцена ќе застанат: Screaming for change; Калап; Post pubertetski seansi (P.P.S.-Tribute to Azra); High Control; Синтезис; Hypnotized; Belfast Food и Darkwood Dub.

Последните две вечери на „Пиволенд 2011“ се резервирани за уште многу домашни и странски музички артисти, па така во сабота (03 септември 2011година) пред скопската публика ќе настапат: Orient band; Full stop; Ритам нереда; Ареа; Есма; DJ Slave i Roni Size, a во недела (04 септември 2011година) за крај на петдневното дружење со гурманската храна и пивото, пред посетителите на „Пиволенд 2011“ ќе се претстават: Orient Band; Pink Floyd Project Macedonia; Летечки Пекинезери; Фолтин; Јура Стублиќ и Филм и Magnifico.

„Пиволенд 2011“ ќе трае до 4-ти септември (недела), а се одржува под покровителство на Град Скопје и традиционално е во организација на Здружението на граѓани Пиволенд и Password production.

You May Also Like