Роберт Алаѓозовски, писател и самостоен менаџер во културата, е поканет меѓу ВИП гостите на претстојниот Европски конгрес на културата, што од 08 до 11 Септември ќе се одржи во Вроцлав, Полска, во рамките на полското претседателство со Европската Унија.
Конгресот е најголем настан во рамките на културната програма на претседателството. Замислен е како мултидисциплинарен собир под мотото „Уметноста за општествени промени“. Заговарањето на овој пристап треба да ја охрабри публиката активно да учествува во културните процеси и да создаде ново поимање дека уметноста може да придонесе за промени во општеството.
Програмата на Конгресот е развиена под влијание на најновата книга на Зигмунт Бауман, еден од најголемите живи филозофи на денешницата, за различните сценарија на развој на европската култура. Со специјално напишано инаугуративно предавање конгресот ќе го отвори токму 86 годишниот Бауман.
На десет паралелни панели водечки европски интелектуалци и уметници ќе дискутираат за најважните прашања на современата култура. Меѓу повиканите се Умберто Еко, Шантал Муф, Вацлав Хавел, Фатос Лубоња, Гајатри Спивак, Милена Драгичевиќ Шешиќ, Амос Оз, Кшиштоф Водичко, Петер Слотердијк, Анджеј Вајда и многу други.
Роберт Алаѓозовски ќе земе збор на панелот Душа за Европа. Роберт Алаѓозовски е претседател на Европската мрежа на менаџери во културата Оракл и тренер на Европската диплома по културен проектен менаџмент на асоцијацијата Марсел Хиктер, и двете со седиште во Брисел.
Во рамките на Конгресот предвидена е богата уметничка и културна програма. Најголем интерес предизвикува заедничкиот концерт на најголемиот полски современ композитор Кшиштоф Пендерецки и најголемиот композитор на техно амбиентална музика, Афекс Твин.