Симон Трпчески – Национален уметник за 2011 година

На конкурсот на Министерството за култура пристигна само една иницијатива за доделување на титулата за национален уметник, од страна Здружението на граѓани „КултурОп“- Скопје, за македонскиот пијанист Симон Трпчески.

Комисијата за утврдување на предлог за национален уметник, формирана од министерот за култура Елизабета Канческа-Милевска, во следниот состав: Стојан Стојков-композитор, Данчо Чеврески-професор на Факултетот за драмски уметности, Влатко Стефановски-музичар, академик Луан Старова и академик Васко Ташковски, по разгледувањето на пристигнатата иницијатива утврди дека македонскиот пијанист Симон Трпчески ги исполнува критериумите од Законот за национален уметник и му предложи на министерот за култура титулата национален уметник за 2011 година да му се додели токму нему.

Симон Трпчески е еден од најрепрезентативните музички уметници во Република Македонија. Со многубројните концерти одржани на релевантни светски афирмирани манифестации и фестивали, како и со освоените престижни меѓународни награди, има дадено врвен придонес во градењето и унапредувањето на културата и уметноста во нашата земја и за нејзина афирмација во светот.

Титулата национален уметник ја доделува претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, на 8 Септември – Денот на независноста.

You May Also Like