По повод 20 годишнината од воспоставувањето на дипломатски односи меѓу Јапонија и Македонија, Амбасадата на Јапонија во соработка со Театар Комедија ја претставува првата изведба на класичен јапонски „Но“ театар во Скопје, на 27 септември во 20:00 часот.
„Но“ е театарска уметничка форма која датира од 14-от век. Претставува комбинација на драма, музика и танц, а се пренесувала низ генерациите до денешен ден во речиси неизменета форма. Во 2001 година „Но“ театарот е прогласен за „Ремек-дело на усното и нематеријалното наследство на човештвото“ од страна на УНЕСКО.
Кјутаро Хашиока како претставник на деветтата генерација актери на „Но“, од семејството Хашиока, ќе даде преглед на оваа јапонска театарска форма со изведби на сцени од славните „Но“ дела „Хагоромо“ и „Такасаго“.