Во просториите на Националниот комитет – ИКОМОС во безистенот на Старата скопска чаршија отворена е првата изложба на работни археолошки фотографии под наслов “Archaeology in progress”, во организација на Здружението “Археологика”.
Целта на оваа изложба е да се промовира археологијата и да се претстават најдобрите фотографии изработени изминатите неколку години на археолошките локалитети низ Република Македонија и Европа.
На изложбата беа претставени професионални фотографи кои земале учество на археолошки ископувања, но и аматери во областа на фотографирањето кои се најчесто археолози кои фотографирале за време на ископувањата, а фотографиите ги прикажуваат подготовките и текот на работата на археолозите.
“Со оваа изложба сакаме да ја доближиме археологијата до нашите сограѓани и едноставно да ја зголемиме понудата на културни настани во Македонија. Се надеваме дека изложбата ќе стане традиционална, што ќе ни овозможи секоја година да ја презентираме моменталната состојба и да ги подигнеме стандардите на археологијата во Македонија, како и да го негуваме развојот на фотографите” – изјави Радомир Ивановиќ, претседател на Здружението “Археологика”.
Здружението Археологика за организирањето на оваа изложба објави конкурс на кој пристигнаа 80 фотографии, од кои 30 најдобри беа претставени на изложбата. Најдобрите фотографии беа одбрани со помош на стручното жири – Гоце Ефтимов (историчар на уметност, фотограф и скулптор) и Станко Неделковски (фотограф од Музеј на град Скопје), како и со гласање на Facebook страницата на Археологика. За трите најдобри фотографии беа доделени симболични награди. За најдобра фотографија стручното жири ја одбра фотографијата “The circle of life”, Коколов Рид, Виница 2012, на Благица Стојанова, второто место го доби фотографијата “Geometry of Space – Moravske Toplice”, Murska Sobota, 2006, на Ирена Теодора Весевска и трето место освои фотографијата “Ажурност”, Скупи 2011 на Милка Трпеска.
Оваа изложба е финансирана од Националната програма за култура за 2012 година на Министерството за култура, а е поддржана од националниот комитет ИКОМОС и Музејот на Македонија.
Изложбата ќе биде отворена во просториите на Националниот комитет – ИКОМОС во безистенот на Старата скопска чаршија и во наредните седум дена, а од 24 до 30 септември ќе биде поставена во Куршумли Ан во рамките на манифестацијата “Европски денови на културното наследство”. xxx hot movies