Почнаа Деновите на планинскиот филм

Во организација на Алпинизам.орг, потпомогнато од Општина Карпош и од други партнери, вчера (6 ноември 2012 година), во Кинотеката на Македонија, започнa третото издание на „ЕХО – Денови на планинскиот филм“. Фестивалот трае четири дена, а ќе бидат емитувани дваесет филмови.

Освен проекциите на филмовите, организаторите најавуваат и пет презентации за сите оние што се заинтересирани за планинарењето.Програмата на Фестивалот вклучува филмови од Бугарија, Полска, Германија, Италија, Велика Британија и од САД. Што се однесува на презентациите, првата ја одржаa маратонците Трајче Панковски и Жикица Ивановски, кои ќе ги споделат своите искуства од планинскиот живот.

Денеска ќе биде презентирана спелео-нуркачката експедиција „Врело 2012“ од страна на Бојан Петковски. 8 ноември е резервиран за две презентации – првата, за која е задолжен Христо Белакапоски, е насловена „Тиен Шан – Хан Тенгри“, а другата е на тема спелеологија, насловена е „Споменик на природата: Слатински Извор“, а ќе ја презентира Билјана Гечевски. Презентацијата на словенечкиот алпинист Урбан Новак може да се проследи на последниот фестивалски ден и со неа ќе биде затворен годинашниот „ЕХО – Денови на планинскиот филм“.
Целта на организаторите е, преку приказните за авантурите на алпинистите, да ги инспирираат и да ги мотивираат луѓето да ја сакаат природата, да се надминуваат и да се радуваат во неа.

You May Also Like