Популаризација и промоција на нематеријалното културно наследство

Во рамките на Годишната програма за остварување национален интерес во културата за 2014 година на Министерството за култура, а во согласност со Националната стратегија за остварување национален интерес во културата за периодот 2013-2017 година, овластените субјекти за заштита на нематеријалното културно наследство треба да развиваат програми за негување и популаризација на нематеријалното културно наследство.

nematerijalno  Foto 4    Развивањето програми за негување и популаризација на духовното културно наследство се остварува преку едукативни наставни програми, работилници и други креативни практики, а засновани на синхрнони теренски истражувања. Исто така, во проектните активности, како показател, ќе се промовира заштитеното нематеријално културно наследство, како и зголемувањето на нивото на свесност кај јавноста за зачувување на овој вид културно наследство.

Така, во рамките на оваа програма се одобрени следните проекти: Дијалектите на македонскиот јазик – промотивно-афирмативна презентација (интерактивно ЦД со дијалектна карта, писмени и аудиозаписи од македонски изворни говорители), фаза 1 – дијалектолошка работилница од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Идентификација и класификација на архивскиот материјал на Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ од Институтот за фолклор „Марко Цепенков“, Водичарките од с. Беранци, Битолско од Институтот за старословенска култура – Прилеп и Заштита и популаризација на обредот Водици во с. Заград, Порече од НУ Музеј на Македонија.nematerijalno  Foto 10

• Дијалектите на македонскиот јазик – промотивно-афирмативна презентација (интерактивно ЦД со дијалектна карта, писмени и аудиозаписи од македонски изворни говорители), фаза 1 – дијалектолошка работилница
Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“

Носител на овој проект е Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, овластен субјект за заштита на јазикот и топонимите, а се реализира во соработка со Истражувачкиот центар за ареална лингвистика „Божидар Видоески“ при МАНУ. Целта на оваа фаза од истражувањето е да се собере јазичен материјал за современата состојба на дијалектите на македонскиот јазик со кој координира проф. д-р Убавка Гајдова од Институтот, а во соработка со проф. д-р Марјан Марковиќ од Истражувачкиот центар за ареална лингвистика „Божидар Видоески“ (ИЦАЛ) при МАНУ.nematerijalno  Foto 9

Во рамките на истражувањата на североисточното дијалектно пограничје, поточно, во регионот на Пробиштип, од страна на Александра Дунгевскa под менторство на проф. д-р Марјан Марковиќ направени се аудио и текстуални записи од говорите во тој регион. Покрај аудиоснимки и текстови од Пробиштип, направени се истражувања во следниве села: Бунеш, Бучиште, Гајранци, Горни Стубол, Горно Барбарево, Гризилевци, Гујновци, Добрево, Древено, Зарепинци, Зеленград, Злетово, Јамиште, Куково, Кундино, Лезово, Лесново, Марчино, Неокази, Петршино, Пишица, Плешeнци, Пуздерци, Ратавица, Стрисовци, Стрмош, Трооло, Турско Рудари и Шталковица.

Од северозападната македонска дијалектна територија, во полошката област, под менторство на д-р Убавка Гајдова, од страна на студенти, постдипломци, како и на професорката по македонски јазик, м-р Дијана Петровска, извршени се теренски записи од градот Тетово и од селата: Лешок и Вратница. Од долнополошките говори има подготвено аудио и текстуални записи и од селата: Долно Седларце, Блаце и Старо Село.nematerijalno Foto 1

Со реализираното истражување на с. Љубанци (21.6.2014) започнаа и истражувањата на скопско-црногорските говори. На ова истражување, што го водеше д-р Убавка Гајдова, беа интервјуирани тројца испитаници, двајца мажи на возраст од 86, односно 35 години и една жена на возраст од 77 години. Истражувањата на овие говори ќе продолжат на 29.6.2014 година во селото Кучевиште.
Во рамките на почетните истражувања на западното наречје, направени се истражувања во кичевско-поречката област и во Гостиварско. Од кичевско-поречкото дијалектно подрачје, поточно од областа Дебарца, направени се аудио записи од селата Злести и Лешани. Дел од записите се со информатори на средна возраст, додека има и неколку аудиозаписи со информатори на 90-годишна возраст. Аудиозапис е направен и со 92-годишна информаторка од с. Брест, Македонски Брод. Исто така, извршено е истражување и направени се аудиозаписи од гостиварскиот регион, поточно, од селото Пожаране. Од Горни Полог, аудио и текстуални записи има и од градот Гостивар и селото Враниште.

Договорено е летово, студенти и професори, да подготват аудиозаписи од муслиманското и православното македонско население во Реканско.nematerijalno Foto 1-1

Во деновите 26 и 27 јуни 2014 година во куќата Уранија во Охрид, во организација на ИЦАЛ при МАНУ, ќе биде организирана лингвистичка работилница во врска со проучувањето на современата состојба на македонските дијалекти. На работилницата, покрај организаторите, академик Зузана Тополињска и проф. д-р Марјан Марковиќ, поканети се и: академик Виктор Фридман од Универзитетот во Чикаго, САД, академик Кристина Крамер од Универзитет во Торонто, Канада; проф. д-р Јоуко Линдстет, Универзитет во Хелсинки, Финска, проф д-р Убавка Гајдова од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје, како и група студенти кои ќе бидат вклучени во подготвителната и во теренската работа.

• Идентификација и класификација на архивскиот материјал на Институт за фолклор „Марко Цепенков“
Институт за фолклор „Марко Цепенков“ – Скопје

Проектот има цел трајно да ја заштити архивската граѓа на Институтот од причина што се работи за илјадници часови снимен материјал на нематеријално кулурно наследство. Во тек се следните активности: Идентификација на магнетофонски ленти кои немаат внесено податоци во соодветни содржински и евидентни листови (подарени ленти од лична заоставштина) – 12 магнетофонски ленти; Дигитализација на веќе постоечки содржински листови на 833 магнетофонски ленти – внесување во дата-базата на содржините на магнетофонските ленти со податоците за имформатор, снимател, место и време на снимањето итн.; скенирани околу 500 листови со дешифриран архивски аудиоматеријал (преточен во текст, отчукан на машина за пишување).

• Водичарките од с. Беранци, Битолско
Институтот за старословенска култура – Прилеп

Проектот е го реализира д-р Ели Луческа, виш научен соработник во Институтот за старословенска култура – Прилеп. Со него се предвидени конкретни мерки за промоција на обредната женска поворка Водичарки од с. Беранци кои се главни носители на народното празнување на обичајот Водици (Машки и Женски Водици) и обредните дејствија на празникот Цветници (Винопиец). Во таа насока веќе е целосно завршено снимањето на видеоматери¬јалот за изработка на рекламен спот, кој е во тек на монтажа, по што ќе биде поставен на различни веб-портали кои го промовираат културното наследство, културниот туризам, на веб-локациите на Министерството за култура, на Министерството за образование и наука, на Управата за заштита на културното наследство и на општина Могила, која, пак, од своја страна би требало да го промовира преку националните и локални медиуми и сл.

Во тек на реализација е подготовката за снимањето на ЦД со 50 водичарски обредни песни, како и поставувањето на костимографијата и сценографијата за настап на културни манифестации и фестивали каде се претставува „живото фолклорно наследство“, за што се ангажирани и стручни лица – дипломирани музичари по соло пеење и етнокореолог. Последниот чекор е набавката на облековни делови: опинци, шамии – „даркми“ и сл.

Како резултат на сите активности, но и нашата континуирана присутност на теренот, се зголеми нивото на свест за значењето на ова културно наследство не само кај локалното население туку и кај локалната самоуправа, особено кај градоначалникот, г. Стево Пивковски, кој низ првичните разговори најави дека во рамките на нивните можности на секаков начин ќе продолжат со поддршка на промоција на Водичарките, но и на културната манифестација „Винопиец“, која за првпат беше организирана оваа година во с. Беранци на празникот Цветници.

• Заштита и популаризација на обредот Водици во с. Заград, Порече
НУ Музеј на Македонија

За обредот на празникот Водици во етнографскиот предел Порече дознаваме од досегашната литература, особено од записите на полскиот етнолог Јозеф Обремски. Овој обред бил и сè уште е тема на интерес на етнолозите од Македонија, Полска и други европски земји.

Од оваа година овој обред е ставен во програмата на Министерството за култура на Р Македонија за за.штита на нематеријлното културно наследство.

За таа цел, под раководсто д-р Владимир Боцев, етнолог во Музејот на Македонија, беа извршени теренски истражувања на обредотво селото Заград. Подготвена е опширна и темелна видео документација за обредот. Направени се интервјуа со учесниците во обредот од коишто може да се заклучи што им значи овој обред на селаните од с. Заград кои живеат во селото, но и на оние кои се веќе одамна иселени од него или се родени во гелемите урбани средини.

Од подготвената видео документација во тек е монтажа на документарен етнолошки филм којшто има за цел да го претстави овој обред пред македонската јавност и на тој начин да ја запознае одблиску со дел од духовното наследство на Македонците.
Исто така, овој документарен етнолошки филм ќе биде еден вид на заштита на обредот Водици во с. Заград, односно документ за неговото одржување во моментот на истражувањата.

You May Also Like