Заврши конференцијата „Европа во мојот град/регион“

Вчера (вторник, 27 ноември), во Музејот на македонската борба за самостојност, во организација на  Град Скопје се одржа локална еднодневна Конференција под мотото “Европа во мојот регион/град”. Настанот беше дел од Отворените денови–Европска недела на градови и региони 2012, чијашто годинешна приоритетна тема е “Градовите – Движечка сила за регионален развој ”.

 

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, им се обрати на присутните гости и зборуваше на тема „Европската територијална соработка во Југоисточна Европа“.

– Убеден сум дека оваа конференција претставува одлична можност за споделување, презентирање и промоција на  добри практики поврзани со двете теми на оваа конференција:  „Територијална соработка  во Југоисточна Европа”, како и „Размена на искуства и добри пристапи поврзани со  иновациите, енергетската ефикасност и урбаниот развој на градовите”. Почитувани присутни, верувам дека дискусиите на денешнава конференција  ќе придонесат во подобрувањето на имплементацијата на проекти кои се однесуваат на енергетската  ефикасност, иновациите и урбаниот развој,  како клуч за модерниот урбан развој на  градовите и тоа преку регионална соработка, односно ЕУ програмите за Преку-гранична и Транс-национална територијална соработка. Очекувам дека овој настан ќе обезбеди можност за претставување примери на регионални проекти и иницијативи коишто ги опфаќаат главните eвропски предизвици  и секако се во правец на  подобрување на обезбедувањето на ефикасни и квалитетни локални услуги за  граѓаните, истакна градоначалникот Трајановски.

Во рамките на Конференцијата, за првата тема, освен  градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, зборуваа градоначалник на Град Софија, Јорданка Фандакова, како и претставници од релевантни институции како што се државен секретар за Европски прашања на Владата на Република Македонија, Јован Андоновски, Сашо Лазаревски, заменик-министер за локална самоуправа на РМ и господин Иван Борисављевиќ, одговорен за прекугранична соработка.

Градоначалникот Трајановски додаде дека Градот Скопје како главен град на Република Македонија, се разви во современа метропола која прерасна во политички, културен, образовен и економски центар на државата, со развиена урбана инфраструктура.

– Во последните неколку години Скопје доживува нова урбана преродба,  претворајќи се на моменти во големо градилиште, сé со цел, да се подобри постојната подземна и надземна градска и урбана  инфраструктура и објекти, да се внесат нови содржини во градот, преку изградба на нови институции и објекти, нови споменици и скулптури, нови паркови, нови спортски игралишта и терени, нова патна инфраструктура, нови рекреативни содржини, подобрување на животната средина и еколошките стандарди на живеење, а притоа секако се вложува и во реконструкција и модернизација на постојните објекти и содржини. Во овие активности Градот Скопје ги користи и искуствата и знаењето стекнати преку учеството на европски и регионални проекти и партнерствата кои ги гради со градови и региони, фокусирани на спроведување  одржливи развојни политики. Овде особено сакам да ги истакнам проектите РЕНЕСАНСА, РЕСИТИЕС и КАСКАДА, рече градоначалникот Трајановски.

Градоначалникот на Град Софија, Јорданка Фандакова, потенцираше дека е задоволна што присуству на една ваква конференција каде што може да се презентираат и разменуваат идеите за развој на градовите во регионот.

– Силните главни градови се моторот на развојот и двигателот на подемот на регионите. Софија бележи стабилност и брз развој во последните години, што е од особена важност и за државата чијшто главен град е, во вакво време на општа економска криза.Инвестициите на Европската банка во Софија, како град на една држава којашто припаѓа и е членка на Европското семејство, оваа година се движат близу милијарда евра со кои во тек е реализацијата на околу 70-тина проекти. Од овие 70 проекти околу 44 се дел од оперативната  програма на Град Софија, додека околу 36 се заеднички. Од сите овие би го издвоила проектот за градење на нова инфраструктура за софиското метро, како и изградбата на новите двокатни раскрсници, што ќе дадат еден модерен импулс на нашата метропола, рече Фандакова.

На втората тема „ Градовите – движечка сила на развојот – Иновативност, енергетска ефикасност и урбан развој“, во рамки на конференцијата дебатираа претставници од повеќе градови од регионот, како: Загреб,Ниш, Белград,Приштина и домаќинот Град Скопје.

You May Also Like