Легендарната екипа Монти Пајтон ќе настапат заедно за последен пат во лондонската О2 арена, на 20 јули (недела). Како ќе изгледаат нивните легендарни скечеви во живо, ќе може да се погледне на директниот пренос во киното Cineplexx.
Иако веќе во своите седумдесети години (заедно имаат 361 година), Џон Клиз, Тери Гилијам, Ерик Ајдл, Тери Џонс и Мајкл Пелин се и ден денес поеднакво популарни како на почетокот на нивната кариера. Оригиналната поставка ја сочинуваше и прерано починатиот Грејам Чепман, по чија смрт Пајтоновци престанаа со заедничките проекти.
„Благодарение на новата технологија, „Последната ноќ на Монти Пајтон“ доаѓа во твоето омилено кино. Понесете со себе пакетче марамчиња и стоплете ги мозоците уште еден последен пат во едно од 1500те кина низ светот. Придружетете и се на публиката во живо од Лондон О2 арената во последната мелодраматична, смешна, бурна, жестока проштална шоу програма на петмината
преостанати Пајтоновци…на големото платно, во HD“ , препорачуваат Пајтоновци.
Авторите на „Летечкиот циркус на Монти Пајтон“ со право припаѓаат меѓу најдобрите и највлијателните светски комичари, кои покренаа револуција во областа на комедијата и оставија печат на бројни генерации. Оваа група на актери покрај телевизиската серија снимија и неколку филмови, поголем број на музички плочи и одржаа голем број на театарски настапи. Предизвикаа огромно интересирање кога ја објавија информацијата за првиот настап во живо во лондонската арена, бидејќи последниот пат кога се појавија на бина беа далечните 1980ти години. По повеќе од четириесет години, обожавателите на овој извитоперен хумор ќе можат да уживаат во нивните најголеми хитови со осовремени и единствени пајтоновски манири.