„Зајакнување на капацитетите на македонските медиуми и подобрување на соработката меѓу уредниците и новинарите“ беше темата на дводневната работилница во Скопје во организација на МИМ и Германската амбасада. На работилницата беа поканети етаблирани новинарски имиња од локалните и националните медиуми во земјава, како и специјални гости од странство.
Форумот беше замислен како динамичен и интерактивен медиумски настан на кој сите учесници беа добредојдени да се вклучат во дискусиите и да разменат мислења за одговорностите, надлежностите и улогата на уредниците во редакцијата односно да споделат искуства и ставови за различните позиции во една редакција и пред се да се лоцираат постоечките проблеми во насока на нивно идно поефикасно решавање. Во рамки на настанот беа организирани и презентации на медиумски организации, истражувачки агенции, граѓански активисти и нови технологии што може да бидат особено значајни ресурси за уредниците кои одлучуваат за крајниот изглед на комплетниот медиумски производ- весник, емисија, дневник и сл. со оглед на екстензивниот и мошне брз техничко технолошки развој.
Кои одговорности, знаења и вештини треба да ги поседува “совршениот” уредник? Како, во трка со времето, да се менаџираат вестите на креативени ефикасен начин? Што е доброто и лошото во социјалните медиуми? Дали постои независно новинарство? – беа само дел од темите за кои се дискутираше на 7 –те работилници во текот на двата дена и неколкуте панел дискусии.
Драган Антоновски, долгогодишен новинар кој ја модерираше работилницата посветена на карактеристиките на совршениот уредник заедно со колумнистот Ерол Ризаов од Утрински весник констатираше дека на македонското новинарство му недостига демократија и дека младите новинари треба да се образуваат во тој дух, да бидат непоколебливи во истражувањата, аргументирањети и изнесување на вистината секогаш кога ги имаат фактите.
– Секој уредник мора да биде новинар пред се и тоа со долгодишно искуство, така што успешно да ги познава констелациите и промените кои се случуваат секојденвно и да знае кои настани се навистина важни и значајни– истакна Роб Френсен, гостин на работилницата и долгогодишен новинар, дописник од Балканот за Холандската национална телевизија.
На работилницата присуствуваа и уредници на локални медиуми и тоа Стево Башуровски од ТВ Тера- Битола и Меваип Абдиу, сопственик на ТВ Коха-Тетово кои ги лоцираа проблемите со кои се соочуваат локалните медиуми, пред се од финансиски , но и од кадровски и технички аспект, особено затоа што за една година сите телевизии во земјава ќе мора да се дигитализираат доколку сакаат да опстанат и понатаму на медиумскиот пазар.
Беа присутни и уредници на неколку портали меѓу кои и Сеад Џигал од Komunikacii.net кој зборуваше за граѓанското новинарство и како денес секој граѓанин може да учествува активно во медиумската сфера и да биде креатор на медиумски содржини со тоа што дефинитивно се избришани границите меѓу самите медиуми независно дали се работи за радио, ТВ или интернет сајт.
–Главната тенденција е конвергенцијата која ја овозможија новите медиуми чие значење допрва ќе добива пошироки размери –додаде Џигал.
–Независно од тоа какви се услови и како медиумските работници реагираат на динамичните промени со кои се соочуваме, сепак сум оптимист и сакам да верувам дека и покрај тоа што аналогната ТВ ќе замине во историјата квалитетот ќе победи и публиката секогаш ќе може да оцени кој медиум вистински се залага за јавниот интерес кој за жал денес станува измислен поим – истакна Зоран Бојаровски, уредник во Алфа ТВ кој воедно ги истакна можностите на мултимедијалноста и интегрираната редакција односно квалитетот на новинарскиот производ со сето она што го нудат технолошките уреди во современата дигитална ера.
Билјана Петковска, директорка на Македонскиот институт за медиуми која беше модераторка на последната дебата со претседателката на Синдикатот на новинари – Тамара Чаусидис, со Илија Стефановски, актуелен претседател на Советот на честа на Здружението и со новинарката Мира Костиќ од Македонското радио го изнесе главниот заклучок од дебатите а тоа е дека е неопходно поголемо практицирање на етичките принципи од Кодексот на новинари, подобра саморегулација и пред се партнерски однос на целиот тим во редакцијата пред се на релација новинар -уредник.
Форумот можеше да се следи паралелно во текот на случувањето на социјалната мрежа Твитер и поттикна дополнителна плодна дебата со корисниците на овој медиум од различна професионална и етничка профилираност.
Форумот ќе го адресира третиот приоритет од „Акцискиот план за подобрување на состојбата со медиумите“ што се однесува на зајакнување на професионалните и етичките стандарди во новинарството, со фокус на работата на уредниците.
Ивана Чичоска