Изложба на академик Газанфер Бајрам во куќата на Уранија

Во склоп на научната и уметничка визита на МАНУ во Охрид која се одржува од 22-ри до 25-ти август синоќа беше отворена пристапната изложба на академик Газанфер Бајрам во куќата на Уранија. Ангел чувар, земјина топка и други се дел од насловите на мозаиците на академик Бајрам кој од вчера и официјално е редовен член на Академијата. За неговото творештво говореше секретарот на одделението за уметност на МАНУ, академик Луан Старова.


„Во пределот кај што светлината не се мири со каменот, духот војува вечно со материјата, во средиштето на големите судири на човекот со времето, Газанфер Бајрам го впишува својот среќен и безграничен свет на својата мозаична уметност“.- истакна академик Старова во својата пригодна реч за ликот и творечкиот опус на неговиот колега, академик Бајрам.

-Јас сум голем љубител на уметноста. Речиси и да нема изложба во градов а да не ја посетам. Особено ме радува животот на уметноста која од пред некоја година почна интензивно да пулсира и во Охрид. Куќата на Уранија до пред три години беше целосно мртва, а сега, преку активен ангажман на Академијата се одвиваат различни активности во текот на целата година. Што се однесува до вечерашнава изложба сум воодушевен од ова несекојдневно ликовно патување. Верувам дека академикот вложил огромен труд за да ги изработи овие мозаици составени од толку ситни парчиња кои кога ќе се состават после треба да се бојат. Навистина секоја чест за академик Бајрам и за прекрасните зборови на академикот Старова за неговото творештво. – беше коментарот на Здравко Тупале, пензионер, посетител на изложбата.

– Изложбата не остави едноставно без зборови. Ние сме импресионирани од глетката, навистина овие мозаици се рај за очи. Идеална ликовна магија, навистина нема зборови кои може да го доловат ова неповторливо чувство и воздишка. – велат Охриѓани, редовни посетители на културните настани во градот.

Газанфер Бајрам, познат во стручната јавност како уметник со сизифовска радост е академски сликар, мозаичар и професор, а сега веќе и редовен член на МАНУ. Покрај повеќето самостојни и групни изложби, Газанфер има креирано неколку монументални мозаици: четири мозаици во салата на Собранието на Република Македонија, „Икаров лет“ во ВИП-салонот на аеродромот во Скопје и „Мостот“ – заедно со Паоло Ракањи, во зградата на МНТ во Скопје. Тој е меѓудругото и основач на одделот за мозаици во рамките на Струмичката ликовна колонија, како една од најстарите на Балканот. Негови мозаици се изложени во музеи и во приватни колекции во Македонија, Италија, Турција, Канада, САД, Австралија, Бугарија и во многу градови на поранешна Југославија.

Ивана Чичоска

You May Also Like