Порта Македонија во завршна фаза на изградба

Портата „Македонија“ е во завршна фаза и ќе биде прв објект што Министерството за култура ќе го промовира на почетокот на 2012 година,  според најавата – уште во јануари.  Мотиви од македонската историја и традиција ќе бидат на самата порта, проект на Валентина  Стевановска, авторка и на споменикот „Воин на коњ“ на плоштадот, а во неа ќе има продажен простор за сувенири.


– Портата е дел од проектот на Министерството за култура за поставување 35 скулптури во центарот на Скопје. Потоа ќе останат уште трите врби во Вардар. Тие се работат интензивно и во јануари – февруари  ќе бидат промовирани. Со нив ќе биде заокружен целиот проект, изјави министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.

Во втората половина на 2012 се очекува да биде отворен и Стариот скопски театар, за кој е избран и специјално напишан текст за првата  премиера – „Вечна куќа“ од Јордан Плевнеш.

– Не знам кој месец ќе биде зашто не знам каква зима ќе имаме, а од неа ќе зависи и динамиката. Интензивно се работи на сите фази на изградба на театарот. Ќе биде во втората половина на годината, но кој месец точно ќе информираме, рече Канческа-Милевска.

Во 2013 година, според планот на Министерството, треба да бидат готови и пуштени во употреба велешкиот театар и концертната сала на Македонската филхармонија.

You May Also Like