Синоќа во Центарот за култура “Марко Цепенков” во Прилеп беше поставена ќе инсталацијата “Бос по трње” од уметникот Атанас Атанасоски од Прилеп.
Се работи за инсталација изработена од вегетација, која ќе биде поставена до 29 август.
Податоци за авторот:
Атанас Атанасоски е роден во Прилеп 1961 година. Дипломирал на ФЛУ во Скопје(отсек скулптура) во 1987 година, во класата на професор Стефан Маневски. Завршил постдипломски студии на ФЛУ во Будимпешта, Унгарија, во 1995 година. Член е на “Студиото на млади ликовни уметници во Будимпешта” од 1990 година. Член на ДЛУМ. Работи како асистент истражувач во Институтот за старословенска култура во Прилеп.
Самостојни изложби реализирал во Прилеп, Будимпешта – Унгарија, Пиран – Словенија, Линдабрун – Австрија, Скопје, Битола… групни во Унгарија, Мурска субота, Скопје, , во Хрватска, Софија….
Во 1995година е добитник на откупна награда на меѓународната манифестација”Ехтемпоре” во Пиран, и на ДЛУМ “Зимски салон” во 1998 година( наградата за скулптура “Јордан Грабул”)
Менка Карапашовска за творештвото на Атанасоски:
“Творештвото на Атанасоски им припаѓа на генерацијата македонски скулптори кои своето творештво го темелат врз искуствата на сопствената традиција, но притоа, перманентно истражувајќи и експериментирајќи на полето на скулптурата, односно изнаоѓањето нови изразни можности кои во голема мерка ќе влијаат врз градењето на неговиот индивидуален ракопис и автентичната ликовна елаборација. Откривајќи ги и експлотирајќи ги напластените културни слоеви на тлото на Македонија, тој гради проекти кои реферираат една жива археолошка и ентографска свест. Експериментирањето и употребата на различни природни материјали (целулозна каша, суви лисја, гранки, трева, земја – црвеница, плева, памук и др.) ги синхронизира со неговите различно структурирани концепти. Неговите инсталации се тесно поврзна и со еколошката стратегија, и исто така се манифестираат и во неговите, ако може така да се рече, ритуални и рустикално обработени био урбани живеалишта, комлекси, кои ги сместува или во урбани или во пејзажни пространства….”