Конференција за говорот на омраза на интернет

Денеска на Правниот факултет при УКИМ во Скопје беше одржана конференцијата „Правните аспекти на говорот на омраза на интернет“, организирана во рамки на меѓународната кампања против говор на омраза на интернет, имплементирана од Агенцијата за млади и спорт.

microphone

Професорот на Правниот факултет Драги Рашковски истакна дека интернетот е само медиум преку кој што може да се изрази омразата кон некого. Потребно е да се види што е тоа што ги тера луѓето на говор омраза па потоа да се види дали интернетот ја потикнува таа омраза.

– Потребно е да се направи дистинкција меѓу тоа што ние популарно го викаме хејтање со вистинскиот говор на омраза кај кој што има правен систем на рушење на меѓучовечки односи што е казниво дело за што може да се добие и казна затвор од повеќе години, рече Рашковски.

Според него, во Македонија говорот на омраза во најголем дел се однесува на етничка основа.

Томе Шекерџиев од Мисијата на ОБСЕ во Скопје ја појасни поврзаноста на говорот на омраза и криминалот на омраза кој ги опфаќа сите кривични дела мотивирани од некоја предрасуда, независно од тоа дали предрасудата е врз основа на раса, вера, политичка припадност или сексуална ориентација.

– Говорот на омраза и криминалот на омраза се поврзани затоа што нешто што може да почне од обична навреда што не е говор на омраза, може понатаму да се реплицира на социјалните мрежи па да стане говор на омраза. Тој говор на омраза може да излезе на терен и да премине во криминал на омраза, истакна Шекерџиев.

Зорица Стаменкоска од АМС кажа дека Агенцијата во дел од активностите што ги имплементира со своите партнери во проектот, спроведува активности за едукација на младите луѓе за препознавање и спречување на говорот на омраза преку интернет.

Во Македонија Казнениот закон предвидува неколку инкриминации на говор на омраза. На типот на деликт на загрозување му припаѓа потешкиот облик на делото загрозување на сигурноста. Во КЗ се предвидени специјални дела на навреда врз дискриминаторска основа. Едното од тие дела претставува потежок облик кој се состои во јавно излагање на друг на подбив по пат на комјутерски систем поради неговата припадност на група која која се разликува според расаз, боја на кожа, национална припадност.

You May Also Like