Во очи на големиот македонски државен и национален празник Св. Климент Охридски, Канада уште еднаш ја изрази големата почит кон Македонската заедница. Владата на најбогатата провинција Онтарио и додели грант од половина милион долари на Македонската Соборната црква „Св. Климент Охридски“, првиот македонски храм во Северна Америка.
Амбасадорот Тевдовски им додели благодарници на Претседателот, подпретседателот и Извршниот одбор на Соборниот храм за успешната соработка, а Македонската заедница се подготвува за прослава на празникот со големи свечености.
Македонската православна црква „Св. Климент Охридски“ во Торонто ја одржала својата прва богослужба на македонски јазик во далечната 1962 година, како прва црква под јурисдикција на Македонската православна црква во Северна Америка. Таа претставува соборен храм на Македонците од Северна Америка и официјално седиште на епископот г.Методиј.
Со новата реконструкција на храмот, тој ќе добие нов современ лифт, нов влез и западна фасада, со помошни простории, проширен паркинг простор и специјална рампа за лица со посебни потреби. Од Управата на храмот информираат дека грантот од половина милион канадски долари од Владата на провинцијата Онтарио ќе биде дополнет со уште најмалку толку средства од македонската црква и заедница.
По овој повод на свеченоста во Соборниот Храм, пред многубројните Македонци од Торонто и околината, Амбасадорот на Република Македонија, Љубен Тевдовски, им додели Плакети за благодарност на Претседателот на Соборниот храм, Владе Димитриевски, на Подпретседателот Енди Плуков, директно вклучен во договорите со Владата на Онтарио, и членовите на Управниот одбор. Амбасадорот по овој повод изјави: „Соборниот храм Св. Климент Охридски претставува вистински столб на Македонската заедница во Канада и партнер на Македонската амбасада во развојот на вкупните односи помеѓу Македонија и Канада“.
Благодарница за соработката со Соборниот Храм „Св. Климент Охридски“ од Торонто доделија и присутните претставници на Македонската влада, Александар Ѓеоргиев, од Министерството за култура и Донче Тасев, од Министерството за надворешни работи.
Прославите на големиот Македонски државен и национален празник Св. Климент Охридски ќе кулминираат во престојниот викенд кога во Соборниот храм се очекува присуството на многу верници од повеќе канадски градови и богата културна програма.