Американската филмска академија на 29 јануари се одлучи да ја дисквалификува песната Alone Yet Not Alone од понатамошно натпреварување за Оскар, откако е утврдено дека нејзиниот автор влијаел на останатите членови на Академијата во текот на изборот на номинирани песни.
Музичарот Брус Бротон, инаку поранешен гувернер на Американската филмска академија и член на сегашниот Управен одбор, ги прекршил строгите правила кои го утврдуваат изборот на номинирани за најпрестижната филмска награда, така што на членовите на Академијата праќал пораки со цел да го сврти вниманието на неговата композиција Alone Yet Not Alone, пренесе Гардијан.
– Без оглед на тоа колку добри биле нечии намери, користењето на својата позиција на поранешен гувернер и член на сегашниот Управен одбор со цел за промоција на својот предлог за Оскар, придонесе за создавање на слика на неправедно натпреварување – се наведе во соопштението на претседателката на Академијата Шерил Бун Ајзакс.
Бротон, чија песна Alone Yet Not Alone од истоимениот филм, била номинирана за Оскар за најдобра оригинална песна, рече дека е разочаран од одлуката на Академијата.
– Исклучен сум од натпреварувањето на кое претходеа месеци на промоција и реклами. Се што направив е тоа дека ги замолив луѓето да ја најдат песната и да ја земат предвид – изјави Бротон.
Во трката за Оскар за најдобра песна сега преостанаа композициите Happy (Despicable Me 2), Let It Go (Frozen), The Moon Song (Her), Ordinary Love (Mandela: Long Walk to Freedom).
Интересно е дека по соопштението на списокот за номинации за Оскар на 16 јануари, многу медиуми покренаа дебата за тоа како песната Alone Yet Not Alone се најде меѓу номинираните. Имено, филмот Alone Yet Not Alone, независна драма проткаена со приказна за христијанството, помина многу незабележано во САД, доживувајќи краток живот во мал број кина, додека за песната од филмот до соопштувањето на номинациите речиси никој не слушнал.
Инаку, процесот за предлози за номинација за Оскар се одвива така што 240 членови на Американската филмска академија добиваат дискови со копии од песните, нивни имиња и имињата на филмовите за кои се снимени. На гласачите не им се познати имињата на авторите на песните и секој од нив треба да предложи пет песни за кои сметаат дека треба да се најдат во трката за Оскар. До конечните пет номинации се доаѓа со едноставно собирање на гласови.
Доделувањето на Оскар ќе се одржи на 2 март, а ќе ја води американската телевизиска ѕвезда Елен Деџенерис.