Одборот за доделување на државната награда „Св. Климент Охридски“, донесе одлука за доделување на оваа државна награда во 2011 година. Ова највисоко признание се доделува за долгогодишни остварувања во областа на воспитанието, образованието, културата, уметноста, здравството, спортот, заштитата и унапредувањето на човековата околина и во социјалната дејност од јавен интерес на Република Македонија.
Во областа на воспитаниeто и образованието, наградата му се доделува на:
– проф. д-р Драги Митревски, археолог.
Во областа на културата и уметноста, наградата им се доделува на :
– академик Луан Старова, писател и
– м-р Никола Фиданоски, ликовен уметник.
Наградата ќе им биде врачена на добитниците на 8 декември 2011 година (четврток) во 14:00 часот, во Свечената сала на Собранието на Република Македонија, соопшти во своето известување Претседателот на одборот за државната награда „Св. Климент Охридски“, академик Вера Битракова-Грозданова.