Половина век Елисејски договор

Амбасадите на Германија и Франција во Скопје потсетуваат на Елисејскиот договор, склучен пред 50 години, на 22 јануари 1963 година помеѓу канцеларот Аденауер и генералот Де Гол.

Со потпишувањето на Елисејскиот договор тогашната Сојузна Република Германија и Република Франција го затворија поглавјето на германско-француското заколнато непријателство, а отворија ново поглавје на посебно пријателство и соработка кое трае веќе 50 години.

Со тоа започна една извонредна билатерална соработка помеѓу двете држави, практично во сите области: политика, одбрана, економија, младина и образование. Елисејскиот договор се спроведува преку редовни средби на владино ниво, но и на ниво на администрациите на двете земји, кои редовно применуваат обострана размена на државни службеници и воспоставија меѓуминистерска комисија за соработка. Постојат голем број на збратимени градови, а во тие рамки и соработка меѓу граѓанско-општествените организации.

Поради нејзиниот посебен карактер, германско-француската соработка игра важна улога во процесот на европското обединување, а со тоа на Германија и Франција им припаѓа и значајна улога во врска со македонското доближување на Европската Унија. Германско-француското пријателство покажува дека надминувањето на предрасудите е можно и дека дијалогот и меѓусебното почитување на историјата, традициите, културата и јазикот на другиот претставуваат плоден развој за сите.

Воедно со потпишувањето на Елисејскиот договор беше основана и Германско-француската младинска организација (ДФЈВ), која оттогаш поврзуваше безброј германски и француски млади луѓе. ДФЈВ реализира проекти и во трети земји, а меѓу нив и во Македонија.

По повод јубилејот, амбасадите на Сојузна Република Германија и Република Франција во Скопје ќе организираат неколку настани.

На 22 јануари 2013 година во 18.00 часот во Кинотека на Македонија во Скопје, ќе се отвори изложбата „Де Гол – Аденауер – градителите на германско-француското пријателство“, а потоа се прикажува германско-францускиот игран филм „Честит Божиќ“.

На 15 февруари 2013 година ќе се одржи заедничка подиумска дискусија со амбасадорките на Сојузна Република Германија и на Република Франција во Македонија на темата „Дали германско-француското помирување може да служи како пример за ситуацијата на Балканот?“.  Во дискусијата ќе учествуваат и француската новинарка Клер Демесмеј и г-н Франк Моравиц од Германско-француската младинска организација (DFJW) како и високи македонски партнери.

You May Also Like