Во понеделник на 21 јануари завршува Годишната изложба на друштвото на ликовни уметници Кавадарци (ДЛУК), која беше отворена на 28 декември во Галеријата при Домот на културата “Иван Мазов – Климе“ Кавадарци.
На ова издание на Годишната изложба учествуваа 26 членови на ДЛУК, кои се претставија со комбиниран цртеж, а истата се совпаѓа со 35 години од основањето на Друштвото, едно од најстарите Ликовни здруженија во Македонија, од кое произлегоа дел од најдобрите и најпознатите македонски ликовни уметници, кои се веќе длабоко етаблирани во модерната македонска и светска ликовна сцена.
Со свои дела се претставија Ристо Соколов Сокол, Глигор Стефанов, Димитар Самарџиев, Билјана Соколова, Елпида Хаџи – Василева, Ванчо Кеков, Александар Нетковски, Цветанка Темкова Илова, Гоце Давидов, Горан Боев, Горан Ѓорев, Ива Јосифова, Владимир Темков, Маја Ралева, Марија Дичова, Петар Наневски, Петар Петков, Игор Јосифов, Симона Манчева, Соња Самарџиева, Ристо Јосифовски, Стефанија Петровска, Томе Филов, Ружица Јосифовска, Трајче Јованов и Валентина Илијевска.
Како што се забележува, меѓу учесниците е првиот македонски претставник на Венецијанското ликовно биенале – Глигор Стефанов, но и следниот уметник кој на најпрестижното светско ликовно биенале ќе ја претставува нашата држава – Елпида Хаџи Василева, но и останати големи имиња кои веќе излагале во Париз, Њујорк, Бостон, Софија, Љубљана и други светски ликовни метрополи, како и низ сите еминентни македонски Галерии и музејски простори.
На отварањето на изложбата за 35-те години на ДЛУК проговори претседателот на Друштвото, еден од најдобрите и најпознатите кавадаречки и македонски ликовни уметници Ристо Соколов Сокол, одавајќи им должна почит на сите уметници кои поминаа низ ДЛУК, од основачите до најмладите, кои со своето дипломирање на Факултетите за ликовни уметности се здобија со право рамноправно да учествуваат на изложбата со великаните на македонската и светската ликовна уметност.
За карактерот на изложбата, со пригоден ликовен осврт се обрати ликовниот уметник Ванчо Кеков, а од името на Локалната самоуправа, со респект и достојна почит кон автентичната кавадаречка ликовна уметност, на бројната публика и се обрати и за отворена ја прогласи Секретарот на Општина Кавадарци Ќире Делов. За да вечерта комплетно прерасне во еден од најдобрите културни и уметнички настани во Кавадарци за 2012 со мал музички перформанс свој придонес дадоа најдобриот кавадаречки рок вокалист Ѓоке Колев Бејбис и извонредниот рок гитарист Виктор Кимов. Вечерта успешно, со респект кон кавадаречката уметност, успешно ја режираше и водеше познатиот кавадаречки актер Александар Малинков. Комплетната организација на изложбата беше во рацете на секретарот на ДЛУК Марјан Тодоровски, а автор на плакатот и каталогот е ликовниот уметник Билјана Соколова.
Годишната изложба на ДЛУК беше извонредна прилика за кавадаречката и македонската ликовна јавност на едно место да види дел од новите правци по кој се движи уметноста на членовите на Друштвото и да се увери зошто кавадаречката ликовна сцена со години е една од најуспешните во Македонија. Во секој случај и според квалитетот на изложените дела, но и според одличната посетеност, Годишната изложба на членовите на ДЛУК е настан кој сигурно ќе остане како еден од ретко квалитетните кои му се случија на Кавадарци во 2012 година.