Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип годинава по третпат го организира Фестивалот на театар и краток филм „КУЛТРА“. Под слоганот „Не гледај наопаку“, фестивалот кој има за цел да им даде креативен простор на сите млади и независни уметници кои храбро експериментираат со уметничките изрази користејќи нови форми за уметничка комуникација.
Годинава „КУЛТРА“ ќе се одржи во периодот од 18 до 20 април во Мултимедијалниот центар на УГД. Неодамна по извршената селекција комисијата од Универзитетот „Гоце Делчев“ ја утврди програмата. Во програмата се вклучени стилски и жанровски различни претстави и филмови.
На отворениот повик за учество беа пријавени голем број филмови од млади автори и голем број претстави од независни театри. По селекцијата се направи програмата на третото издание на Фестивалот на театар и краток филм „КУЛТРА“.
Фестивалот и оваа година во секој од трите дена вклучува проекции на кратки филмови со почеток во 19.30 часот и изведба на театарска претстава со почеток во 21.00 часот.
Она што го карактеризира овогодишниот фестивал е тоа што во филмскиот дел од програмата се најдоа неколку анимирани експериментални кратки филмови од македонска продукција кои досега не се прикажувани во Штип и пошироко.
На отворањето на фестивалот помеѓу филмовите и театарската претстава ќе се одржи и музички настап на џез трио во состав Горан Кавраков (алт саксофон), Филип Крстевски (тапани) и Боро Шопов (бас гитара).
Театарските претстави и филмските проекции ќе се одржат во Мултимедијалниот центар при УГД, а музичкиот настап ќе се одржи во студентското бифе на Економскиот факултет.
Влезниците кои се во продажба веќе неколку дена можат да се набават од книжарницата на економскиот факултет по цена од 200 денари – блок влезница за целиот фестивал и 80 денари – дневна влезница за секој од трите фестивалски денови.
Повеќе информации можат да се најдат на овој линк.