Позитивни критики во Хрватска за битолчанецот Марјан Неќак

Позитивни критики во Хрватска за битолскиот композитор Марјан Неќак за неговата  музичко-танцова драма …

фото: www.makdenes.org
фото: www.makdenes.org

Битолскиот композитор Марјан Неќак, вработен во НУ Народен театар-Битола доби позитивни критики во Хрватска, по неодамнешната премиера и изведба во Сплит на музичко-танцовата драма „Погреб во Терезинбург“, текст од циклусот „Глембаеви“ на Мирослав Крлежа во режија и кореографија на Сташа Журовац.

Композиторот Неќак информира дека изведбата на музичко-танцовата драма во Сплит била поздравена со овации, а бројноста на публиката била мотивирана од неодамнешната премиера на таа претстава на тврдината Минор во Бриони која ја следел и хрватскиот премиер.

– Музичко танцовата драма ја работевме во соработка со балетот во Сплит, и очекувано беше синоќа да има голема посетеност. Но, за мене е еднакво важна е позитивната критика за оваа претстава во која сум автор на музиката. Исто така, драго ми е што светски познатиот виолинист од Русија Александар Баланеску и музички коментатор истакна дека почувствувал голема блискост со мојот музички израз, кој за него е посебно прифатлив. Инаку, ова дело е инспирарано од еден настан кој се случил во гарнизонот на унгарскиот град Марија Терезинбург, во почетокот на 20 век, изјави композиторот Неќак.

Прозниот текст „Погреб во Терезинбург“ е дел од циклусот „Глембаеви“ кои Мирослав Крлежа ги објавувал во периодот од 1926 до 1930 година, односно станува збор за 14 текстови од кои три се драми и 11 во проза, а гротескно-сатиричниот текст „Погреб во Терезинбург“ прв пат е објавен во 1929 година.

Марјан Неќак е композитор и во најновата премиерна претстава „Иванов“ од Чехов на НУ Народен театар-Битола која минатата недела беше изведена во Битола.

You May Also Like