Песни на македонскиот поет Славе Ѓорѓо Димоски објавени на монголски јазик во издание на Монголската академија за култура и поезија …
Богатиот творечки опус на охридскиот поет Славе Ѓорѓо Димоски со уште едно меѓународно признание, објавувањето на избор на негови песни на монголски јазик. Во издание на Монголската академија за култура и поезија и издавачката куќа „Мункхиин Усег” (Вечна буква) од Улан Батор од печат излезе книгата „Јагне“ (Кхурга) со избор на дела на Димоски на старо монголско писмо.
Преводот од македонски јазик на монголски го направи Литов (Ли)Намдагжанчивин, а препевот најпознатиот монголски поет Гомбожав Менд Оојо. Литов (Ли) Намдагжанчивин е Монголец кој својот животен и професионален пат го има вградено во Македонија и го претставува мостот што ги поврзува македонската и монголската литературa.
Има преведено книги од Бранко Цветкоски и Трајан Петровски, како и Антологијата на современата монголска поезија во која се застапени над 30 монголски поети.
Оваа е тринаесетта поетска книга од Славе Ѓорѓо Димоски објавена на еден од светските јазици, а поединечни песни и поетски циклуси му се преведени на триесетина јазици.