„Македонска реч“ неодамна ја објави поетската книга „Хит депо“ на босанскиот писател Фарук Шехиќ, во препев на Никола Маџиров. „Хит депо“ доживеа неколку изданија во Босна, а на македонски јазик е преведена со поддршка на литературната мрежа за преводи ТРАДУКИ.
Во книгата Шехиќ пишува со директен говор, со лексика која директно именува и e смела, жестока и сурова во именувањето, стиховите и поетските слики што ги создава се одраз на неговата поствоена траума и опсервација на мигот и на животот, со манир на поет битник. Критиката го смета Шехиќ за еден од најталентираните млади автори од подрачјето на некогашна Југославија и предводник на т.н. прегазена генерација. Некои негови книги, како што е „Хит депо“, имаат култен статус кај читателската публика и доживеале неколку изданија.
Фарук Шехиќ е роден 1970 година во Бихаќ, а растел во Босанска Крупа. Бил припадник на Армијата на БиХ (1992-1995) и водач на воена единица. Се здобил со чинот поручник, а бил и тешко ранет. Книжевни трудови објавува од 1998 година. Пишува поезија, проза, есеи, книжевни и ликовни критики. Новинарски репортажи, колумни и други текстови објавувал во магазинот „Start“, весникот „Oslobođenje“ и интернет – магазинот „Žurnal“, како и во белградските „e-Novine.com“ и „Beton“ (elektrobeton.net).
Текстовите му се преведени на десетина јазици: на англиски, француски, италијански, германски, унгарски, холандски, словенечки, украински, полски и македонски јазик.
Ги објавил поетските книги „Песни во зачеток“ (2000), „Хит депо“ (2003), „Транссараево“ (2006), како и двојазичниот избор поезија „Улични посланија“ (2009). Автор е и на книгата раскази „Под притисок“ (2004). Ја добил наградата на весникот „Oslobođenje“ за најдобра необјавена новинарска приказна, втората награда на конкурсот на „Nakladа ZORO“ за необјавена книга раскази во 2003/2004, како и наградата на меѓународниот белградски поетски фестивал „Трни се! Поезија!“ во 2008 година. Член е на Друштвото на писатели на БиХ и на ПЕН центарот на БиХ. Работи како новинар и колумнист во сараевското списание „BH Dani“. Живее во Сараево.