На 9 мај свечено ќе се отворат 41 по ред „Мајски оперски вечери“ кој е еден од ретките оперски фестивали во Европа. Многу од вљубениците на оперската уметност со право го нарекуваат, празник на музиката.
Поаѓајќи од респектабилната бројка на одржани фестивали и интересот на публиката за овој значаен културен настан, уметничкото водство на Македонската опера и балет се определи за седум настани, пет оперски, едно балетско дело и настан кој ги соединува актерската игра и музиката.
Мајските оперски вечери традиционално ќе бидат отворени со премиерата на претставата „Хофманови приказни“ од Жак Офенбах, во која учествуваат солистите, оркестарот, хорот и балетскиот ансамбл на Македонската опера и балет под диригентско водство на маестро Алесандро Д’ Агостини од Италија, инаку веќе одомаќинет во нашата куќа кој меѓу останатото одлично го говори и македонскиот јазик. Режисер ќе биде Урсула Хорнер од Австрија, која исто така се докажала на нашата сцена реализирајќи неколку наслови. Сценографијата е на Марија Ветероска, додека костимите на Марија Пупучевска.
И оваа година Р. Македонија преку активностите на Македонската опера и балет е дел од европската иницијатива Европски оперски денови. Инспирирани од овогоднинешната тематика МОБ ќе понуди проект со кој ќе се оствари соединување на актерската игра и музиката преку креирање на програма составена во два дела каде на публиката ќе и се претстави современ концепт на сценска уметност, несекојдневен за домашните програми.Во првиот дел се изведува монодрама „Сечилото на тишината“ , а потоа следи рецитал со програма која ги содржи најпознатите дела од композиторот Георг Фридрих Хендел со настап на контра –тенорот Луиџи Скифано од Италија и Квинтет состав од МОБ.
На 13 мај е предвиденa балетската претстава „Дон Кихот“од Лудвиг Минкус со гости од Куба и Италија во главните улоги.
Со оперите на познатиот светски композитор Џузепе Верди „Травијата“ (18 мај), „Атила“ (22 мај) и „Аида“ (31 мај) одбележуваме 200 ГОДИНИ ОД НЕГОВОТО РАЃАЊЕ.
Во меѓувреме, на 26 мај ќе биде изведена претставата „Лучија од Ламермур“ на Гаетано Доницети.