Пламенка Трајковска со видео запис за „Пијанист“

Виолинистката Пламенка Трајковска која на македонската јавност е позната по изведбите на класични теми преработени во модерен стил врзани со македонски етно мелос, сними видео запис за темата „Пијанист“ која претставува најава за издавање на нејзиниот албум „Апасионато“  кој треба да излезе во продажба кон крајот на април годинава.

Видео записот за оваа несекојдневна тема кој деновиве ја доживува својата ТВ промоција се снимаше во ресторанот „Ден и Ноќ“, а го работеше „3Д Продукција“. Во него со интересни графички моменти, но и преку ликовите на Пламенка и нејзините две колешки- виолинистки Милена Тодоровска и Татјана Силјановска, се искажани емоциите со кои изобилува самата нумера.

–  „Пијанист“ е одлична можност за публиката да слушне и делумно да претпостави каков ќе биде мојот нов албум. Одлучив да снимам и видео запис за оваа тема од Прелудиумот на Фредерик Шопен, опус 28 бр. 20, со цел класичната музика да и ја доближам на публиката на еден поинаков начин, да ја обработам во модерен стил и со тоа темата „Пијанист“ како и останатите нумери од албумот да бидат препознатливи за публиката и таа да ги почувствува како свои – вели Пламенка.

Темите од албумот „Апасионато“ се дел од музичкото творештво на Пламенка и се врзани со композиции од класичната музика кои се обработени во модерен стил.  Најголем дел од аранжманите се дело на Пламенка, а несебична помош за аранжирање на две од композициите има дадено Ристо Апостолов.  Десеттте композиции кои го сочинуваат „Апасионато“ се снимени во студиото „Подрумот“ на Ангел Ќосев.

You May Also Like