Петто издание на фестивал „Слободна зона“

Во галеријата „Венеција“ во Виница денеска ќе биде отворен петтиот фестивал „Слободна зона“, под мотото „Остави трага“ …

slobodna zona vinica

Фестивалот „Слободна зона“, ќе почне со изложба на инсталации „Праг на толеранција“ во која учествуваат четири современи уметници: Маја Кировска, Марија Сотировска, Ивана Пирковска и Тони Димитров.

– Се работи за изложба на амбиентални, просторни и звучни инсталации, кои досега биле изложувани на интернационални изложби, а првпат ќе се претстават на публиката на „Слободна зона“… Авторите ги промислуваат современите проблематики за односот помеѓу човекот и природата, природата и технологијата, правецот на научно-технолошкиот развој, социјалните релации и геополитичките констелации, соопшти организаторот на фестивалот.

По отворањето на изложбата, фестивалската програма ќе продолжи со интерактивна дискусија во галерија „Теракота“, насловена „Внимавај опасност – слободна зона“. Потоа ќе се прикаже филмот „Плати и жени“ во режија на Атанас Ѓорѓиев, а ќе има и дискусија за социјално-политички теми со учесници на дебатното кино Контра-кадар.

Вечерта  завршува со концерт на пејачката, текстописец и изведувач Рита Брага во кафе-барот „Тамо“. Од 2004 година Брага настапува низ Европа, САД и Бразил, а на фестивалот во Виница ќе го претстави својот нов материјал. Програмата на петтиот „Слободна зона“ ќе продолжи викендов.

You May Also Like