[Реакција] Министерство за култура: Куќата на Личеноски не е во сопственост на Владата

Ви ја презентираме интегрално реакцијата од страна на Министерството за култура, поврзана со натписот во завчерашниот број на дневниот весник Вест:

Министерството за култура во врска со написот во дневниот весник „Вест“, дека куќата на Лазар Личеноски е подарена на Владата на Република Македонија и заборавена, ја информира јавноста, дека, куќата на Л. Личеноски, не е во сопственост на Владата Р.Македонија и не постои законски документ дека е дадена во владение на Владата на Република Македонија.

Врз основа на тестаментот на починатата сопруга на Личеноски, Зое Личеноска, во тек е оставинска постапка, во која застапник на државата е Државното правобранителство.

Надлежната институција Национална галерија на РМ има извршено целосен попис на сите уметнички дела од куќата на Личеноски (слики и мозаици и др.), преземени се сите неопходни чекори за нивна целосна заштита и истите се наоѓаат во депоата на Националната галерија на Република Македонија односно во Даут пашиниот амам.

Сакаме да подвлечеме дека Владата на Република Македонија длабоко го респектира значењето и придонесот на основоположникот на македонската соверемена уметност Лазар Личеноски. Токму во таа насока, оваа година, во рамките на одбележувањето на 110 годишнината од неговото раѓање, со поддршка на Министерството за култура беа организирани голем број настани преку кои ја одбележавме големината на ликот и делото на Лазар Личеноски.

Сакаме да истакнеме дека наша голема желба е оваа законска процедура да заврши што побрзо за да можат надлежните институции да пристапат кон целосно адаптирање на куќата и формирање на Музеј на Лазар Личеноски, кој ќе биде од голема важност за културното наследство на Македонија.

Со почит,
Министерство за култура
Одделение за односи со јавноста

You May Also Like