Над пет илјади посетители на Музејот на вкусовите во Кавадарци, само во првата половина од 2014 …
Над пет илјади посети во првата половина од 2014 година бележи Музејот на вкусовите во Кавадарци, единствен од ваков вид во поширокиот регион, информираше денеска директорот Петре Камчевски.
– Фактот што од лани во мај, кога беше отворен музејот, па до крајот на минатата година имавме над седум илјади посетители, а имајќи ги во предвид и годинешниве бројки, јасно е дека музејот привлекува огромно внимание кај македонските граѓани, но и кај странските државјани, рече Камчевски.
Според него, расте интересот кај домашните и кај странските туристи да ги видат садовите и алатките кои служеле за производство на вино и храна во Тиквешко – највинарскиот регион во Македонија. Досега овој атрактивен објект го посетиле гости од разни делови на Македонија, но и туристи од Русија и Грција.
– Куќата на вкусовите и мирисот е проект од прекуграничната соработка помеѓу Македонија и Грција во рамките на ИПА-програмата на Европската унија. Во неа се застапени експонати кои потекнуваат од неолитот до денес. Историски, археолошки, етнолошки, објасни Камчевски.