Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски денеска (07.07.2014 година) и официјално го пуштија во употреба новиот скејт-парк, којшто е лоциран на кејот на реката Вардар.
Скејт-паркот е наменет за скејтери, ролерџии и BMX-бајкери, и ќе овозможи добра забава и рекреација за љубителите на овој вид спортови.
– Од денеска и официјално е отворен за користење првиот скејт-парк во Скопје и во Република Македонија. Површината за скејт-паркот е со димензии 15 на 50 метри, на која се поставени 9 справи (елементи со рампа) на асфалтна подлога изработена според бараните карактеристики за овој вид спортови, а уредено е и место за одмор и собирање. Поставените елементи се во согласност со европскиот стандард (EN 14974) за безбедност при користење на рампите–справите со опрема на тркала. Во иднина, справите во скејт-паркот може да се разместуваат и да се поставуваат нови справи според новитетите во урбаните екстремни спортови кај нас и во светот. Скејт-паркот го осветлуваат 5 столбови за осветлување со 20 рефлектори што ќе овозможи ова катче да се користи и во вечерните часови. Градот Скопје ќе ангажира и инструктори кои покрај тоа што ќе се грижат за редот и безбедноста во скејт-паркот, на сите заинтересирани ќе им бидат на располагање за совети, обука и едукација за возење на скејтборд, ролери и БМХ велосипеди на ова урбано место во Скопје. Скејт-паркот ќе може да се користи од 10 до 24 часот, од месец март до месец декември. Новиот скејт-парк е изграден по иницијатива на возачите на урбаните и екстремни спортови во Скопје, кои со нивните познавања и сугестии во голема мера помогнаа за уредување на паркот – рече денеска градоначалникот Трајановски.
Трајановски нагласи дека уредувањето на новиот скејт-парк на кејот на реката Вардар е инвестиција на Градот Скопје, вредна околу 12 милиони денари.
Премиерот Никола Груевски истакна дека идеата за изградба на скејт-парк во Скопје е предложена во рамките на Денот на идеи во Владата на РМ, во 2012 година, и дека денеска оваа идеа е реалност, на задоволство на вљубениците на овој тип спортови.