Во сабота (29.10.2011 година), на плоштадот Македонија, во организација на Град Скопје и Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство, а во соработка со Федерацијата на производители на органски производи на Македонија, а под мотото „ОД ПРИРОДАТА ЗА МЕНЕ“, ќе се одржува првиот Фестивал на органска храна.
„Органската храна е најдобриот и најздравиот избор што човекот може да го направи кога е во прашање неговото здравје и начинот на живот. Бројот на органски производители во земјава е во постојан пораст. Ако во 2005 година имаше само 50 органски фарми, денес нивниот број е поголем за десет пати. Процесот на производство на органски производи во Македонија се врши согласно со стандардите и со легислативата за органско производство на ЕУ и е под редовна контрола на надлежните служби. Овие производи можете да ги препознаете по знакот со сонце и фиданка, симболот на македонското органско производство“, на денешната конференција за медиуми, истакна раководителот на Секторот за локален економски развој на Град Скопје, Слободан Ќосев.
На еднодневниот фестивал, што ќе трае од 10 до 18 часот, ќе се престават 30- тина производители на органска храна од земјата и регионот, коишто ќе обезбедат вкусна, природна, органска храна за дегустација, а во забавната содржина ќе биде вклучена музичка програма, диџеи, настап на групата „Мама бенд, кулинарско шоу со Дени и „Четири сезони“ како и забавна програма за деца.
За разлика од неорганската храна којашто често содржи многубројни хемиски пестициди што секојдневно се користат во земјоделството, органски сертифицираните производи не се штетни за здравјето на луѓето. Тие содржат состојки што се одгледувани според принципите на органското земјоделство и не се третирани со пестициди, хербициди и други хемикалии при производството, транспортот и чувањето, ниту пак содржат вештачки бои и мириси.
Свежите органски производи во споредба со неоргански одгледуваните содржат повеќе витамини, минерали, ензими и голем број хранливи материи. Предноста на органските производи е најважна за децата. Исхраната со органски производи го намалува нивото на токсините во детскиот организам за пет шестини.
Целта на манифестацијата „ФЕСТИВАЛ НА ОРГАНСКА ХРАНА“ е да го нагласи огромното значење на природните, органски производи за унапредување на здравјето на сегашните и на идни генерации, но и одржувањето на биодиверзитетот.