Богата културна програма изминатиов викенд во Крушево

Викендов во Крушево се играше и пееше. Во петокот свој настап имаа македонските културно уметнички друштва од Мелбурн, Австралија „Илинден“ и „Александар Македонски“ …

krusevo igraorci

Нашите сонародници пред крушевчани и туристите се претставија во најдобро светло и докажаа дека иако се многу километри далеку од родниот крај, сепак не дозволиле да ги заборават своите корени и најдостоинствено го чуваат и промовираат македонскиот фолклор.

Веќе следниот ден, се одржа дефиле на културно уметнички друштва. Друштвата се собраа на месноста „Гумења“ и од таму, со ора и песни започнаа да се движат по крушевските улици, за на крај да пристигнат на градскиот плоштад „Никола Мартиноски“ каде со огромен аплауз беа пречекани од многубројната публика.

krusevo igraorci (1)

На самиот почеток играорците беа поздравени од градоначалникот на Крушево, Ѓорѓи Дамчески, кој најискрено им се заблагодари за нивното гостување во градот на културата.

Вечерта ја започнаа домаќините, КУД „Наум Наумоски – Борче“ од Крушево, а после нив заиграа играорците од КУД „Илинден“ од Кривогаштани, КУД „Никола Јонков Вапцаров“ од Делчево, КУД „Моминок“ од Прилеп, Асоцијацијата за фолклор „Кардешлик“ од Ресен и КУД „Ѓердан“ од Охрид.

Во градот на културата и следниве денови, ќе биде многу интересно затоа што ќе се одржи изложба на слики и скулптури, на 11 Јули свој настап ќе имаат Тамара и Тони Зен, а од 25 јули започнува традиционалната манифестација „Крушево Етно – град“.

You May Also Like